Темелно се реконструира патот кон Средно Водно, најави Ѓорѓиевски
Темелно се реконструира патот кон Средно Водно, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
„Водно е душата на Скопје.
Место каде генерации скопјани пораснале, место каде се бара мирот по напорниот ден, каде семејствата го поминуваат слободното време.
Токму затоа, со сериозен пристап и силна динамика, започнавме темелна реконструкција на патот кој води кон Средно Водно.
Овој пат е дел од секојдневието на илјадници граѓани и пристап до едно од најубавите места што ги имаме“.
Покрај реконструкцијата на коловозот, градоначалникот истакна дека се уредуваат и сливниците за атмосферските води кои долги години, како што вели, беа нефункционални и неодржани, а се обновуваат и еластичните одбојни огради (банкини), кои исто така повеќе децении стојат оштетени и непроменети.
„Решаваме еден долгогодишен проблем и овозможуваме поголема безбедност, подобра заштита на патот и негово подолгорочно одржување.
Паралелно, во континуитет се одржуваат и патеките кон Водно, се уредува просторот и се заменува дотраената урбана опрема, за ова место повторно да го добие изгледот што го заслужува.
Скопјани заслужуваат безбедни патишта, уредени јавни површини и Водно кое ќе биде вистинска гордост на градот.
Апелирам, да си го чуваме градот.
Водно се белите дробови на Скопје и само со заеднички придонес ќе остане нашето најубаво место“.

