| |

ТИЕ БЕА НАЈСИЛНИТЕ НЕОНАЦИСТИ- КАКО ПРОПАДНА „ЗЛАТНА ЗОРА“

„Најголемиот судски процес поврзан со нацистичката идеологија од Нирнберг до сега“, така обвинителот Танасис Камбагијанис го определи судењето против лидерите на грчката неонацистичка група „Златна зора“, кои беа осудени за создавање на криминална организација под превезот на политичка партија.

Многумина во Грција а и во цела Европа ја определија судската пресуда како победа на демократијата и човековите права.

Вчерашните пресуди дојдоа по долго судење што траеше повеќе од 5 години. Во текот на судењето се потврди дека членови на „Златна зора“ се одговорни за убиство, обид за убиство и физички напади врз странци и припадници на левичарски организации.

Предметот „Златна зора“ содржи повеќе од 3000 страни, во кои се опишани уште обвиненија за подметнување пожар, недозволено поседување на оружје и експлозивни направи, а исто така и недозволена трговија со дрога и криумчарење на луѓе.

Во месец јули годинава, „Златна зора“ го изгуби својот последен пратеник во Европскиот парламент. Поради се уште непознати за јавноста причини, лидерот на партијата Михалолиакос, го избрка европратеникот Атанасиос Константину.

Една година претходно „Златна зора“ не успеа да стане дел новиот состав на грчкиот парламент. Неонацистите усвоија околу 270 илјади гласови, но тоа не беше доволно за да седнат повторно во пратеничките клупи. Во тој период се случи и заминувањето од партијата на еден нејзините најистакнати членови- Јоанис Лагос, кој создаде своја сопствена партија годинава.

Останата без државно финансирање и пратенички имунитети, „Златна зора“ стана лесен таргет за уништување.

Од партијата избега дури внукот на Михалолиакос, познатиот по својот остар јазик поранешен портпарол Илијас Касидијарис. Тој исто така создаде националистичка партија која веќе брои повеќе од 20 илјади членови.

Што се случи со партијата која беше определена како најекстемниот пример за преродбата на неонацизмот од страна на западниот свет?

„Златна зора“ се појавува како маргинална десничарска група во 80-те години на минатиот век. Нејзин лидер од тогаш до денес е Никос Михалолиакос. Токму тој е посочен од полковник Георгиос Пападопулос (еден од поранешните водачи на воената хунта во Грција), за водач на екстремно десничарската младина во Грција. Во 1980 г. Михалолиакос излегува од затвор, каде што издржувал казна за незаконско поседување на оружје и експлозивни направи.

Според новинарот Димитрис Псарас, „Златна зора“ е создадена за да ја популаризира нацистичката идеологија, задача дадена на нејзиниот лидер од страна на поранешните силни фигури во воената хунта што владеела со земјата во истиот период.

„Златна зора“ никогаш не ја криела својата нацистичка идеологија. Дури нејзиниот симбол, макар и да е дел од хеленската митологија, многу личи на кукасти крст, а освен тоа нејзините членови се поздравуваат со нацистички поздрави и користат ксенофобична реторика.

Отворањето на границата меѓу Грција и Албанија во 90-те години на минатиот век е првиот импулс за Михалолиакос и неговите неонацисти. Тие го користат емигрантскиот бран од Албанија за да ја промовираат уште посилно својата настрана идеологија.

Почетокот на светската економска криза во 2010 г. е добредојден момент за Михалолиакос, кој станува општински советник во Атина. Тој ја користи функцијата исклучливо за популаризирање на својата партија.

Шокот доаѓа две години подоцна кога во 2012 г. на парламентарните избори кога „Златна зора“ добива 7% од гласовите на бирачите и влегува во грчкиот парламент со 21 пратеник.

Партијата проповеда отворен расизам, бара да се исчистат емигрантите „кои смрдат“, левичарите и LGBT луѓето. Партијата ги повторува мантрите за семејните вредности, а за време на најтешките денови од грчката финансиска криза, дели бесплатна храна но само на Грци.

Со влезот во парламентот, членовите на „Златна зора“ почнуваат да дејствуваат поотворено и поагресивно. На нивна сметка се водат голем број физички напади врз новинари, емигранти и левичари.

Членови на партијата се одговорни и за убиствата на емигрантот од Афганистан Шехзад Лукман и грчкиот рапер Павлос Фисас во 2013 г.

Убиството на Фисас е последната капка од трпението на тогашната конзервативна влада начело со Андонис Самарас. Целото раководство на партијата е уапсено. Во тоа време „Златна зора“ е трета политичка сила во Грција.

Според одредени експерти во моментот нема големи шанси малите партии, кои се појавија по растурањето на „Златна зора“ да го повторат нејзиниот успех. Судскиот процес кој започна во 2015 г. и заврши вчера ја заврши својата работа. „Златна зора“ е минато и барем во блиска иднина таа партија или криминална група нема да има голем наследник.



Слични Објави