„Тик-ток“ се огради од Кина: Никогаш нема да споделуваме податоци со властите во Пекинг
Извршниот директор на „Тик-ток“, Шоу Чи Чева, денеска пред американскиот Конгрес изјави дека популарната видео апликација во кинеска сопственост, со повеќе од 150 милиони корисници во САД, никогаш не би ги споделила нивните податоци со властите во Пекинг.
„Тик-ток никогаш не споделил ниту добил барање за споделување податоци за корисници на САД со кинеската влада, ниту би се согласил со такво барање доколку некогаш биде поднесено“, рече Шоу во писмената изјава пред Комитетот за енергија и трговија на Претставничкиот дом.
Тој додаде дека матичната компанија на „Тик-ток“, „Byte Dance“, не е во сопственост или контролирана од ниту една влада или државен субјект.
Според неговото сведочење, 60 отсто од компанијата е во сопственост на најпознатите инвестициски фондови „Sequoia Capital“, „Blackrock“, „General Atlantic“, околу 20 отсто се во сопственост на основачите на компанијата, додека 20 отсто се контролирани од нејзините вработени „вклучувајќи илјадници Американци“.
„Забраните се соодветни само кога нема алтернатива. Но, ние имаме алтернатива“, изјави Шоу пред американскиот Конгрес.
„Тик-ток“ се соочува со зголемен притисок од администрацијата на американскиот претседател Џозеф Бајден и Конгресот, што вклучува повици од некои пратеници да ја забранат апликацијата затоа што, наводно, може да ги пренесе податоците на американските корисници до владата во Пекинг.
Минатата недела, од Тик-ток изјавија дека администрацијата на Бајден побарала нејзините кинески сопственици да го напуштат својот удел во апликацијата или ќе се соочат со забрана од САД.
„Тик-ток“ соопшти дека потрошил повеќе од 1,5 милијарди долари на, како што го нарекува, револуционерен напор за безбедност на податоците наречен „Проект Тексас“ и се обидел да ги убеди конгресмените и администрацијата на Бајден да го поддржат планот.
Комитетот за странски инвестиции во Соединетите Американски Држави (CFIUS), влијателно тело за национална безбедност, едногласно препорача во 2020 година „Бајт Денс“ да се откаже од „Тик-ток“.
