| |

Тошковски: Жителите во близина на пожарот во Трубарево да ги напуштат своите домови

Пожарот што избувна во фабрика за рециклирање отпад во Трубарево е ставен под контрола и нема опасност од негово понатамошно проширување, но жариштето сè уште е активно. На синоќешната прес-конференција по седницата на Управувачкиот комитет за справување со кризи, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека примарен приоритет останува заштитата на животот и здравјето на граѓаните.

Жителите што живеат најблиску до жариштето се советуваат да ги напуштат своите домови поради ризик од загадувањето на воздухот. За нив е обезбедено привремено сместување во Центарот за обука во Идризово.

Според податоците на Дирекцијата за радијациска сигурност, не е утврдено радијациско зрачење. Сепак, АБХО единицата на Министерството за одбрана регистрирала висока концентрација на штетни супстанци на 150 метри од местото на пожарот. На растојание од 200 метри загаденоста е ниска, а над 400 метри не е забележана зголемена концентрација.

Тошковски информираше и дека во полициска станица се водат разговори со три лица – сопственици или управители на погодениот објект, а истрагата се одвива во координација со јавниот обвинител.

„Првпат се соочуваме со ваков тип пожар во државата, во фабрика за рециклирање отпад. Побаравме и добиваме стручна помош и од домашни и од странски експерти. Ова е резултат на негрижа во изминатите години, што доведе до слични проблеми и во Вардариште и Дрисла“, нагласи Тошковски.

Тој додаде дека жителите во најризичниот појас на 150 метри добиле заштитна опрема – гас маски и Н95 маски – за да се намали ризикот по нивното здравје. Оперативните активности за целосно расчистување продолжуваат.

Слични Објави