|

Традиционално пријателство со Чешка со постојан политички дијалог и заемна соработка

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Чешката Република, Ненад Коциќ и членовите на Групата: Лолита Ристова, Марија Кочовска, Бране Петрушевски, Јован Јаулески и Дајанчо Ефтимов, се сретнаа со Делегација на Комисијата за европски прашања на Парламентот на Чешката Република.

Пратеникот Коциќ, на почетокот на средбата, истакна дека билатералните односи меѓу двете земји ги карактеризира традиционално пријателство со постојан политички дијалог и заемна соработка.

„Како земја кандидат за членство во Европската Унија, Република Северна Македонија верува дека институциите на ЕУ ќе ја одржат перспективата на проширувањето на Унијата со сите останати земји кандидати како кредибилен процес базиран на заслуги, имајќи ги предвид и актуелните геополитички безбедносни предизвици“, рече Коциќ.

Особено е важно, додаде тој, ЕУ да не го изгуби фокусот од Западен Балкан и да не ја одлага интеграцијата на делови од сопствениот географски регион. Укажа дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла.

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Парламентот на Чешката Република, Владислав Вилимец, на македонските колеги им посака успешно да ги завршат сите задачи поврзани со евроинтеграциите.

„Пристапот до Европската Унија е политичка одлука за која е потребен консензус. Јас најпријателски ве советувам да направите сѐ што е во ваша моќ за да ги исполните задачите. Ние разбираме дека процесот за уставни измени е тежок, но мора да сте единствени за ја исполните таа задача, истакна Вилимец.

На крајот, Чешката делегација побара во иднина да има повеќе средби од ваков карактер и предложи да се обнови авионската линија Скопје – Прага, како би се интензивирала соработката меѓу двете земји.



Слични Објави