|

Хоџа од МЕФ 2026: Западен Балкан мора заеднички да ја предводи зелената транзиција

Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска испрати порака за потребата од поинтензивна регионална соработка во справувањето со климатските предизвици, обраќајќи се на министерскиот панел „Пат кон COP31: Министерски дијалог Западен Балкан-Турција“, одржан во рамки на Македонскиот енергетски форум (МЕФ) 2026.

На панелот, коорганизиран од Министерството за животна средина и просторно планирање, на кој учествуваа високи претставници од земјите од регионот, Хоџа нагласи дека климатските промени, енергетската сигурност и економската одржливост се предизвици што бараат заеднички одговор и координирано дејствување.

„Ниту една држава не може сама да се справи со климатските ризици. Нашите енергетски системи, инфраструктура и природни ресурси се поврзани, а тоа значи дека и решенијата мора да ги градиме заедно. Регионалната соработка не е избор, туку предуслов за успешна и праведна транзиција“, истакна Хоџа.

Тој потенцираше дека иницијативата „Road to COP31“ отвора значајна можност земјите од Западен Балкан да настапуваат поусогласено, да ги зајакнат партнерствата и да обезбедат подобар пристап до климатско финансирање и зелени инвестиции.

Според министерот, заедничките регионални проекти, размената на експертиза и усогласувањето на политиките ќе овозможат побрза имплементација на климатските мерки, пониски трошоци и поголема енергетска отпорност на регионот.

„Нашата цел не е само да ги следиме глобалните процеси, туку активно да придонесуваме во нивното обликување. Западен Балкан има потенцијал да стане пример за регионална климатска соработка и одржлив развој“, порача Хоџа.

Македонскиот енергетски форум 2026 се одржува како официјален партнерски настан на иницијативата „Road to COP31“ и претставува една од клучните регионални платформи за дијалог за климатските политики, енергетската транзиција и одржливиот развој.

 

Слични Објави