Хоџа: Општина Тетово добива посебна единица за заштита на животната средина, ги повикувам останатите општини да го следат примерот
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, присуствуваше и се обрати на форум на тема „Идентификација на еколошките приоритети на општина Тетово“ во организација на НВО „Мултикултура“ од Тетово, а со поддршка на Фондацијата Отворено Општество – Западен Балкан.
На настанот кој обедини претставници на централната власт, локалната самоуправа и граѓанскиот сектор, беше најавено системско унапредување на заштитата на животната средина во тетовскиот регион.
На форумот присуствуваше и Билал Касами, градоначалник на Општина Тетово.
На форумот беше соопштена и една значајна новина на локално ниво – Општина Тетово ќе биде првата општина која системски ќе пристапи кон оваа проблематика преку формирање на посебна единица посветена на заштитата на животната средина во рамките на локалната самоуправа.
„Ваков пример треба да следат и останатите општини, бидејќи националните политики кои ги создава Министерството се имплементираат на локално ниво и со посветеноста на локалната самоуправа. Само со координација меѓу централната и локалната власт тие ќе заживеат и ќе дадат ефект,“ беше заклучено во обраќањето.
Хоџа порача дека времето на привремени решенија е завршено и дека фокусот е ставен на долгорочни и одржливи проекти.
„Тетово и тетовско отсекогаш се соочувале со сериозни еколошки предизвици кои траат со децении. Тоа е и причината зошто денеска нема да споделам пред вас некои привремени решенија. На Тетово му треба систем кој трајно ќе ги решава проблемите, но и ќе ги одржува решенијата за да не се враќаме постојано на истите грижи.“ истакна министерот.
Како дел од конкретните чекори што ги презема централната власт, беше посочено воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад „Русино“, чија изградба започнува оваа година. Дополнително, за оваа година е најавен почеток на изградбата на пречистителната станица и надградбата на водоводниот систем на градот, додека заштитата на Шар Планина, континуирано се зајакнува.
