Трајан Зрзеецот… и „платените сметки“
Владимир Перев
1.
До денешен ден мислам дека прилепскиот пазар е најбогатиот во Македонија. Никаде, на ниту еден пазар кај нас, не сум видел толкаво разнообразие на плодови и зеленчуци со таков висок квалитет, а прилепските касапници, барем едно време, беа со најдоброто мариовско месо во земјата. Мислам дека и денес е така, со мали отклонувања во однос на квалитетот, ама понудата и количествата сеуште се на завидно ниво.
2.
Во моите младешки години, школскиот распуст го поминував во адвокатската канцеларија на татко ми Харалампи-Рампо Перев. Стуткан во некое ќоше, или седнат покрај вратата, ги слушав најневеројатните човечки судбини и преживелици, сите поврзани со опстојувањето на човекот како суштество, наспроти репресивниот апарат на државата. Тоа беа животни лекции, различни од оние на училиште, а некогаш многу слични на романите кои ги читав во градската библиотека. Така и се формирав како личност. Татко ми ја затвораше адвокатската канцеларија некаде околу 4-5 часот попладне, за потоа да се вратиме двајцата дома. Често пати, поминувајќи низ пазарот, на тезгата еден постар, измачен човек, продаваше земјоделски производи. Не беше редовен продавач, доаѓаше одвреме-навреме. Татко ми се трудеше да го одбегне, ама ако не можеше, застанувавме да се поздравиме. Човекот имаше едно полузтворено око со кое веројатно не гледаше, но она другото, блескаше со студен поглед кој пробиваше до сржта на коските на соговорникот…си личеше дека тој е опасен човек. Ова е чичко Трајан, ми рече татко ми, ние сме пријатели. Го рече тоа некако прекусила, а Трајан љубезно му нудеше да земе нешто “за дома, за невестата“, како што велеше. Татко ми ќе земеше некој плод, Трајан не го мереше и го ставаше во торбата, татко ми ќе се фатеше за џеб да плати, а Трајан, без никаков израз на лицето и без никаква интонација во гласот ќе речеше: “Оди Рампе, не треба да платиш, меѓу мене и тебе нема неплатени сметки“…другите пазарџии наоколу внимателно следеа што се случува, слушаа, молчеа и не реагираа. Меѓу нив имаше и наши роднини. Татко ми дома ќе го оставеше земеното и ќе и речеше на мајка ми “ова е од Трајана, за тебе“…мајка ми нешто ќе промрмореше незадоволна, ќе го земеше даденото и лесно, но горчливо ќе се насмевнеше…
3.
Понекогаш Трајан доаѓаше со други луѓе во канцеларијата на татко ми за да ургира да се направи некако договор или друга адвокатска услуга. Доаѓаа попладне, сами во канцеларијата. Се говореше тивко за адвокатската работа, се слушаше само машината од татко ми, а кога работата ќе беше завршена, стануваа да си одат. Тогаш Трајан ќе речеше: “Види Рампе, ќе платиме после кога ќе земат пари од тутунот…ако не биде така, јас сум тука“. Татко ми, гледаше низ хартиите на мастата и тивко ќе речеше: “Оди Трајане, немај гајле, меѓу мене и тебе нема неплатени сметки“. Сето тоа тивко и притоа, никој никому не се обраќаше директно и никој никого не гледаше директно в очи. Мислев дека тоа е затоа што Трајан е со едно “истечено“ око. Но сите тие, само мене ме гледа в очи, проценувајќи или барајќи нешто во мене, необјасниво за мене во тие години.
4.
До канцеларијата на тако ми беше леблебиџилницата на Благоја Смоква, а до него влачарницата на Бошко. Јас имав задача, секое утро да ги изметам канцеларијата на татко ми, леблебиџилницата на Смоква и влачарницата на Бошко. За сите требаше да донесам барде со вода од чешмата “под саат“. Кој не метел леблебиџилница и влачарница, не знае што е мака. Сето тоа бесплатно…за рака леблебии! Тоа беше заповед од татко ми, а таму немаше поговор. Забележав дека Благоја Смоква и Трајан се знаат и се поздравуваат срдечно, разбрав дека Трајан го викаат Зрзеецот, затоа што е од село Зрзе, разбрав дека бил на “српската линија“ па Смоква онака иронично ми велеше дека “татко ти и Трајан не можат да се разделат…“ Татко ми слушаше, молчеше и се насмевнуваше, но дојде моментот на вистината, кога требаше да ја чујам приказната!
5.
Трајан Зрзеецот бил обичен но писмен селанец од Зрзе, кому судбината но и личните определби го насочиле кон српското четничко движење. Бил близок со Василије Трбиќ и со син му Војче Трбиќ. Со огромната власт која ја имал во периодот меѓу двете светски војни, бил вистинско страшилиште за непријателите на српството во Поречието и пошироко. Не повисок од 160 сантиметри, но со тежина од над 130 килограми, неверојатно подвижен и витален, вечно на коњ ги обиколувал селата во прилепско. Со насилен темперамент, сосе коњот влегувал во селските цркви, ги собирал селаните и ги тепал со сабјата “пљоштимице“, т.е. со рамната страна, ако не сакале да преминат под српско црковно владение и да се заколнат врз “српскиот свет крст“. Славата на Трајана, “промоторот на српството“ стигнала дури до политичарите во Белград и некои од нив го прашувале татко ми дали се знае со него. Татко ми со чудење велел дека со таков човек не се познава, “ниту сака да се познава“…горко се излажал јадниот мој татко! Потоа во Прилеп се среќавале, но немале никаков меѓусебен конаткт, ниту разговор.
6.
Почетокот на Втората светска војна носи промени. Татко ми е прво градоначелник на Прилеп за време од петнаесетина дена, за потоа да стапи повторно како капетан-резервист во редовите бугарската армија, во гарнизонот во Битола. На Трајана Зрзеецот му се губи трагата. Некои тврдат дека се повлекол во илегала и дека соработувал со Равногорското четничко движење на Дража Михаиловиќ во Порече, под команда на Војче Трбиќ. Можно е да било така, но може и да се тоа само измислици. Треба да се напомене дека учесник на четничкото движење во Поречието е и нашиот академик Харалампие Поленаковиќ, ама тој итар гостиварски влав, ги преживува сите неволности на новото време. Тој е заштитен…зад него е силата на Блаже Конески и минатото на вујко му, Глигур Љаме Соколовиќ, четничкиот српски војвода. Тука се замешани и великосрпските интереси на белградската интелектуална врхушка. Трајан не е личност од тој калибар и е уапсен некаде кон крајот на 1944 или почетокот на 1945 година и затворен. Обвинет е (веројатно) за учество во монархофашистички заговор на Дража Михајловиќ, против “народната власт“. Обвинение кое носи смртна пресуда.
7.
Со влегувањето на партизаните во Прилеп, татко ми ја обавува својата адвокатска пракса непречено. Двајца негови внуци, мои братучеди се учесници на нападот на Участакот на 11 Октомври 1941 година, а татко ми нив, заедно со Ченто ги брани успешно пред бугарскиот воено-полев суд. Со генерал Бојдев се од иста (или приближна) генерација во Военото училиште во Софија. Проблемите на Рампо Перев доаѓаат подоцна. Како и да било, во тие матни времиња, еден ден влегува униформиран милиционер во канцеларијата на татко ми и му вели дека треба веднаш да се јави во Кино Работнички и да брани обвинети по антидржавна дејност. Тоа било наредба на обвинителот. Нормално, татко ми оди да види во што е работата, иако веќе знае што го чека. Расказот на татко ми изгледа отприлика вака: “Влегувам во холот на киното и ме пречекува толпа млади скоевци со извиците “Смрт на предавниците“, смрт на фаштистите смрт на бугарите и слично. Ми се стегна душата. Толпата вика, се дере, се качуваат на столиците, општ хаос! Интересно е дека има повеќе девојчина и жени отколку мажи, а сите ги води една (позната) прилепска гимназијалка! Милиционерот си заминува без да ми каже кого треба да бранам. Меѓу затворениците, еден ми мафта со рака, ама не можам да го препознаам, затоа што со другата рака покрива дел од лицето. Ми приѓа влечејќи ја едната нога. Рампе, јас сум Трајан Зрзеецот, ЈАС барав ТИ да ме браниш!“ Аман бе Трајане, му рекол тако ми, што сториле овие од тебе. Добро е да сум жив, рекол Трајан, ама не се ПРЕДАВАМЕ на овие ѕверови. Рекол во множина и гледал во татко ми. Остави сега тоа Трајане, рекол татко ми, ајде да влеземе, смири се, гледај само да помине првото, после навистина ќе се спасуваме. Нема што да се спасува, рекол Трајан, само нека заврши ова…
8.
Во Кино Работнички тогаш била наместена маса под платното, за судиите и место за обвинителот и адвокатот. Ама, треба да се помине патот од последниот ред кај влезот, до првиот ред каде Трајан треба да седне. Тоа е долго патување за човек во неговата состојба. Во истрагата бил ужасно тепан и малтретиран, го довеле на 47 колограми, имал две скршени ребра и скршена нога на две места, само малку зарастена, без лекарски надзор. Едната рака му била скршена ама зарастена, и со неа го покривал избиеното око во текот на истрагата, она око за кое прилепчани велеа дека било “истечено“. Ужасни викотници “смрт, смрт“ ечеле низ киното додека Трајан со помош на татко ми се придвижувал кон обвинителната клупа. Во еден момент, кон крајот на патот, Трајан запрел, се свртел кон разбеснетата публика и држејки го окото со едната рака, ја подигнал другата и им рекол на висок глас: “За мене само смрт, смртта си ја сакам, таа е моето спасение…а вам Бог да во даде вечен живот и краста, да се лечите и да не се излечите, да бидете вечно живи и никогаш да не оздравите, проклети да сте!“. Милиционерите едвам го спасиле од толпата да не го линчува, за да може да почне судската фарса.
9.
Татко ми беше смирен човек со коректен однос, но некои го познаава подобро и го знаеја неговиот прек карактер и наклоност кон вербална или физичка расправа. Тоа не беше никодинското наследство, тоа беше агресивната крв на мајка му, баба ми Ангелина од Мијаковите од село Топлица. Милиционерите ја смириле атмосферата и судската расправа почнала коректно и со смирен тон. Меѓутоа, обвинителот кој дошол од Скопје и некои од судскиот совет, почнале да му поставуваат на обвинетиот, но и на татко ми, несоодветни, сугестивни или каптативни прашање, преполни со видлива агресија. Публиката навивала за таков, остар однос. Во таа атмосфера, татко ми се заборавил каде е и почнал да го брани Трајана на бугарски јазик, со термините кои ги учел на факултетот во Софија. Во салата одново настанал хаос, татко ми продолжил со својата “бугарска кривично правна терминологија“, за судијата процесот да го запре, нагло заврши, а да нареди, обвинетиот и неговиот адвокат, двајцата да одат во затвор! Сега толпата барала смрт за двајцата! Кога “претставата“ завршила и учениците-врескачи си отишле дома, едно младо момче, со кои сме пријатели од многу години, дошол дома и онака детски и рекол на мајка ми: “Тетко Ленче, судењето заврши, ама не го чекај чичко Рампе…и него го ставија во затвор заедно со Трајана“. Мајка ми, која метела пред порти, се онесвестила.
10.
Утредента адвокатот Рампо го пуштиле од затвор, ама неговиот клиент Трајан, бил осуден на смрт. Ова нешто го знаеле сите во Прилеп и затоа така Смоква и другите иронично се потсмевнувале. Нормално, нештата се смириле, работите тргнале по еден регуларен тек и Трајан бил помилуван, за на почетокот на пеесетите години да биде пуштен од затвор, Во меѓувреме “адвокатот Рампо“ ја доживува судбината на обвинет и ги поминува прилепскиот, битолскиот и Централниот затвор во Скопје. Таму некаде бил и Трајан, во некоја друга ќелија, ама кога разбрал дека татко ми е исто таму, преку затворениците му пратил абер, веројатно како прилепски мајтап… “знам дека ти должам пари за одбраната, ама кога ќе излеземе ќе се раздолжиме“. Аман Трајане, пратил абер татко ми “нас овие добро не раздолжија“!
11.
Некаде на почетокот на декември 1960 година, во еден мек декемвриски ден, амалот Караман се истовари пред нашиот дом со една огромна вреќа компири, друга со зелка, торба со грав, вреќа кромид, суви пиперки, шише ракија и бинлаче вино, како и неколку кила потсолено свинско месо. По него влезе познатиот лик на Трајана Зрзеецот. Го пречекавме, мајка ми направи кафе, а јас прашав за плаќање…знаев дека е подарок, ама таков е редот. Нема ништо такво, вели Трајан, тоа е за Бог да прости за душата на татко ти, а и мојата кога ќе ми дојде часот. Со татко ти немаме “неплатени сметки“, ја повтори онаа негова фраза. Седевме и разговаравме…ме гледаше со она негово единствено око, ме гледаше со поглед со кој, барем така си мислев тогаш, можеше човек да убие. На заминување, кривејќи многу со скршената нога, се заврте и ми рече: “Јас и татко ти бевме на различни страни, ако се сретневме некаде, веројатно едниот или двајцата ќе бевме мртви, ама…внимавај со овие, тие не се како мене и татко ти, ние бевме чесни луѓе…комунстите се ѕверови, за нив нема ни Бог ни човек, крвопијци…ние СО НИВ имаме ненаплатени сметки“. Беше горд, достоинствен и непомирлив.
12.
Трајан си замина од овој свет во за мене непознато време. Само престанав да го гледам низ чаршијата. Онаа прилепската скоевка која викала “смрт на фашистите“, иначе ќерка на “бугарски поп“, стана голема актерка, а младото дете кое и рече на мајка ми “да не го чека чичко Рампе“, стана одличен адвокат во Куманово!
Сите си заминаа од овој свет.
Прилепскиот пазар е се уште најбогатиот во Македонија, а месото се уште е највкусното.
Јас останав со спомените.

