ТРАМП И ПОМПЕО ТВРДАТ ДЕКА НЕ САКААТ ВОЈНА СО ИРАН

САД не се подготвуваат за војна со Иран и покрај неодамнешните ескалации на тензиите, рече во вторникот американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп ги отфрли како лажни вести и написите на неколку медиуми дека Белата куќа размислува да испрати 120.000 американски војници на Блискиот Исток ако Иран продолжи да развива нуклеарно оружје.

Тој додаде за новинарите дека е апсолутно подготвен да испрати војници доколку тоа е потребно, но дека тоа засега не е во план.

Државниот секретар Мајк Помпео го порача истото откако пристигна во Сочи, Русија, за разговори со својот руски колега и претседателот Владимир Путин.

„Ние во суштина не бараме војна со Иран“, рече тој. „Нашата политика сега е конзистентна… бараме Иран да се однесува како нормална земја. Тоа го бараме. Нашата позиција не е променета. Ние им објаснивме на Иранците дека ако американските интереси се нападнати, ние, секако, ќе одговориме на соодветен начин“.

Тензиите меѓу САД и Иран ескалираа во неделата, откако Саудиска Арабија соопшти дека два танкера за нафта биле саботирани во близина на брегот на Обединетите Арапски Емирати.

Вашингтон ги предупреди шпедитерските компании дека Иран или нивните сојузници би можеле да го таргетираат поморски сообраќај во регионот на Персискиот Залив, додавајќи дека таму биле испратени бомбардери Б-52 за да се спротивстават на наводните закани од Техеран.

Помпео рече дека американските разузнавачки служби работат напорно за да добијат одговори за тоа што се случило со танкерите.

Извор: Макфакс