| |

„Travel Off Path“: Пловдив е најстариот постојано населен град во Европа

Пловдив, вториот по големина град во Бугарија е најстариот постојано населен град во Европа, објави „Travel Off Path“. Според изданието, населувањето на подрачјето започнало пред повеќе од 8.000 години, поради што градот е над 3.000 години постар од Атина, пренесува БГНЕС.

Современиот Пловдив е изграден врз бројни антички структури. Главната пешачка улица минува над остатоци од римски стадион, а Античкиот театар на Филипопол, со капацитет од 7.000 гледачи, и денес се користи за концерти и оперски претстави. На Небет Тепе има праисториски остатоци од околу 4000 година пр.н.е., како и траги од населби од шестиот милениум пр.н.е.

Меѓу значајните објекти се и Џумаја џамија од 15 век и часовниковата кула на Сахат Тепе, една од најстарите на Балканот.

Според публикацијата, храната во Пловдив може да биде до 70 отсто поевтина, а сместувањето до 60 отсто поевтино отколку во популарните западноевропски градови. Ноќевање чини околу 35–60 долари, вечера за двајца 35–55 долари, а билет за јавен превоз околу 0,60 долари.

Изданието го вбројува Пловдив и меѓу најбезбедните европски градови. Бугарија има 89 од 100 поени во Индексот за безбедност на патниците, а американскиот Стејт департмент ја класифицира земјата на ниво 1, најниско ниво на закана.

Како недостаток се наведува потешкиот пристап до градот: патувањето со воз од Софија трае околу два и пол часа, а од Варна околу седум часа со прекачувања.

Слични Објави