Тренчевска: Насилството е сè повеќе пријавувано, продолжуваме со силна поддршка на граѓански организации во негова превенција
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денеска, заедно со Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратеничкиte, Даниела Димитриевска, извршна директорка на Македонското женско лоби, и Лилјана Поповска, член на извршниот одбор на Европското женско лоби и поранешна пратеничка, се обрати на конференцијата „Превенција и заштита од насилство врз жените и девојчињата. Регулатива, имплементација и реалност“.
Тренчевска во своето обраќање зборуваше за моментната ситуација во државата во делот на свеста на населението за насилството и актите на насилство. Таа истакна дека државата со спроведувањето на законите бележи напредок во делот на ова прашање, насилството е сè повеќе пријавувано и таа истакна дека дополнително кон тоа придонесува и извештајот ГРЕВИО.
„Како држава го подготвивме првиот иницијален извештај за спроведување на Истанбулската конвенција и тој е доставен до мониторинг-телото ГРЕВИО и набргу треба да ги добиеме препораките за понатамошно унапредување на одговорот во справувањето со родово базираното насилство. Тие ќе бидат адресирани во новата стратегија за справување со насилството врз жените и семејното насилство, која треба да се подготви во наредниот период“, рече Тренчевска.
По истакнувањето на заложбите на институциите, таа посочи дека нејзина цел ќе остане поддршката на невладиниот и граѓанскиот сектор затоа што според неа токму тие ја менуваат општествената свест.
Посочи дека само со заеднички пристап ќе може да се дојде до напредок.

