Третина од децата во Македонија на возраст од 6 до 9 години живеат со дебелина, 13,8 отсто од нив се екстремно дебели, објави ИЈЗ
Дебелината кај возрасните лица во Македонија е зголемена за 13,6 отсто, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто во споредба со 1990 година, објави Институтот за јавно здравје по повод Светскиот ден за борба против дебелината.
30,5 отсто од децата од 6 до 9 години во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, а 13,8 отсто од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина.
Дебелина е почеста кај момчињата за разлика од девојчињата, а повеќето деца кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина живеат во урбани средини.
„Исхрана со високо преработена и енергетски-богата храна е значаен фактор кој придонесува кон развој на зголемена телесна тежина кај децата. Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина влијаат врз навиките за исхрана кај децата:
- 32% од децата од 6 до 9 годишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата;
- Половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4% и повеќепати секој ден;
- Само 24% од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21% консумираат свеж зеленчук.
Физичката неактивност кај децата заради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди, како клучни детерминанти на дебелина:
- Приближно 40% од децата од 6 до 9 годишна возраст поминуваат време пред телевизија или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно;
- Вкупно 48% од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата;
- Повеќе од половина (63%) активно се движат до и од училиште, пешки или со велосипед“, објави Институтот и укажа дека дебелината е сложено хронично заболување.
Трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај децата во Северна Македонија, според Институтот за јавно здравје, се одржуваат стабилно на високо ниво. Потребен е сеопфатен и мултисекторски пристап кон дебелината, од давање приоритет на факторите од животната средина кои влијаат врз дебелината до зајакнување на здравствената заштита за превенција и контролата на дебелината како хронично заболување.
За борба против дебелината кај нас, Институтот посочува конкретни мерки и активности:
- активности за поддршка на здрави практики од првиот ден, вклучително и промоција, заштита и поддршка на доењето;
- регулативи за штетниот маркетинг на храна и пијалаци за деца;
- политики за храна и исхрана во училиштата, вклучувајќи иницијативи за регулирање на продажбата на производи со висока содржина на масти, шеќери и сол во близина на училиштата;
- фискални и ценовни политики за промовирање здрава исхрана;
- политики за нутритивни информации на етикетите;
- кампањи за едукација на јавноста и зголемување на свесноста за здравата исхрана и вежбањето;
- стандарди за физичка активност во училиштата; и
- интегрирање на услугите за превенција и управување со дебелината во примарната здравствена заштита.
Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите (од 5 до 19 години).Лошата исхранетост, во сите нејзини форми, вклучува неисхранетост, но и зголемена тежина и дебелина. Неисхранетоста е одговорна за половина од смртните случаи на деца под пет години, а дебелината може да предизвика незаразни болести како што се кардиоваскуларни болести, дијабетес и некои видови рак.