Апелациониот суд на БиХ ја потврди затворската казна за Милорад Додик
Апелациониот суд на Судот на Босна и Херцеговина (БиХ) ја потврди првостепената пресуда со која претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, е осуден на една година затвор и шест години забрана за вршење јавна функција. Додик е прогласен за виновен поради непочитување на одлуките на високиот претставник Кристијан Шмит, пренесува БГНЕС.
Првостепената пресуда беше донесена на 26 февруари годинава, а денес писмената одлука од втората инстанца им беше доставена на страните во постапката. Самиот Суд на БиХ сè уште официјално не ја објавил пресудата.
По донесувањето на првостепената одлука во февруари, Парламентот на РС усвои закони со кои се забранува мешање на федералната полиција и обвинителството на БиХ во ентитетот Република Српска, што беше оценето како обид за ослабување на државните институции.
Додик, кој важи за најблизок сојузник на српскиот претседател Александар Вучиќ, е под санкции од САД, заедно со повеќе лица од неговото најтесно окружување.
Неговата реторика често е насочена против ЕУ и НАТО, додека отворено ги поддржува БРИКС и има блиски односи со рускиот претседател Владимир Путин. На Денот на Свети Сава во Скопје, Додик изјави дека „Македонија е пример за безпринципиелноста на ЕУ“.
Во јуни 2024 година, Додик предводеше делегација на РС на т.н. Сесрпски собир, на кој беше усвоена декларација што ги поддржува хегемонистичките цели на доктрината „Српски свет“, чиј главен идеолог е српскиот вицепремиер Александар Вулин, исто така санкциониран од САД.
Претседателот на РС е познат и по негирањето на геноцидот во Сребреница, кој беше признат од Генералното собрание на ОН како воен злостор. Во летото 1995 година, силите на босанските Срби, предводени од генерал Ратко Младиќ и Радован Караџиќ, убија над 9.000 цивилни Бошњаци.

