ТРИ МАКЕДОНСКИ НЕОБЈАВЕНИ ДРАМИ МЕЃУ НАЈДОБРИТЕ ВО ЕВРОПА
Три необјавени и неизведувани драми на македонски јазик: „Грејс Кели не пие бамбус“ од Давор Стојановски, „Помеѓу змејот и неговиот бес“ од Сашо Димоски и „Саатот“ од Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, се во изборот на Европската мрежа за современа драма и превод – Еуродрам за најдобри современи драми во Европа за 2020 година.
„Во конкуренција на повеќе од 700 пријавени дела од автори што пишуваат на некој од европските јазици се најдоа и 25 текстови напишани на македонски јазик. Изборот на трите најдобри македонски драми го направи Македонскиот комитет на Еуродрам, во состав: Иван Додовски, театролог, писател и универзитетски професор на Универзитетот Американ колеџ Скопје (претседавач); Фроса Пејоска-Бушеро, преведувачка и универзитетска професорка на Институтот за ориентални јазици и цивилизации од Париз; Александар Зицман, преведувач и универзитетски предавач на Катедрата за славистика на Универзитетот во Виена; и Катерина Коцевска, актерка и драмска писателка, директорка на Драмски театар од Скопје“, соопшти Македонскиот комитет на Еуродрам.

