Туск ги победи конзервативците на ПиС на изборите за ЕУ во Полска
Владејачката проевропска граѓанска платформа на премиерот Доналд Туск освои 38,2 отсто од гласовите на европските избори во Полска, пред конзервативната Право и правда (ПиС) со 33,9 отсто.
Граѓанската платформа, членка на Европската народна партија (ЕПП), освои 38,2 отсто од гласовите и на тој начин го постигна приближно истиот резултат како и во 2019 година.
„Полска покажа дека овде победуваат демократијата, чесноста и Европа. Десет години го чекаме ова прво место, многу сум среќен“, рече Туск.
На второ место со 33,9 отсто гласови е опозициската конзервативна партија ПиС, која значително го влоши резултатот од пред пет години, кога доби нешто повеќе од 45 отсто од гласовите и 25 мандати. Сега ќе ги има 19.
Со 53 места во Европскиот парламент, Полска е на петтото место меѓу членките на ЕУ по бројот на места – по Германија, Франција, Италија и Шпанија.
