Творби на четворица бугарски ликовни уметници се поставени во изложбата „Колективна културна меморија: Пост-меморија“ во Скопје
Во Националната галерија – Мултимедијален центар „Мала станица“ во Скопје синоќа беше отворена изложбата „Колективна културна меморија: Пост-меморија“, со учество на повеќе од 20 уметници од Австрија, Бугарија, Грција, Полска, Кипар, Србија, Косово, Холандија, Словенија, САД и Северна Македонија. Меѓу нив се презентирани и делата на бугарските автори Л’чезар Бојаџиев, Красимир Терзиев, Калина Димитрова и Софија Димова, јавува БТА.
Поставката опфаќа слики, видео-работи, фотографии и инсталации создадени во рамките на 35. и 36. издание на меѓународната уметничка колонија „Галичник“, одржани во 2024 и 2025 година. Колонијата, која речиси четири децении се организира во планинското етно-село Галичник, претставува редок модел што ги поврзува современата уметност и традицијата.
Изложените дела ја обработуваат тематската рамка „Колективна култура на меморијата“ и „Пост-меморија – ехо на тишината“, преку кои уметниците истражуваат како личните и заедничките спомени, трауми и неизречени приказни продолжуваат да живеат во современите уметнички практики. Куратор на изложбата е Ана Франговска, претседател на колонијата, а ликовната критичарка Натали Рајчиновска-Павлеска ја подготви деталната теориска анализа посветена на биеналето.
„Со оваа изложба колонијата ‘Галичник’ ја потврдува својата улога како лабораторија на културна меморија, критичко размислување и меѓународна соработка, создавајќи дијалог помеѓу минатото и сегашноста, тишината и гласот, личното и колективното“, истакна Франговска при отворањето.
Изложбата е реализирана во соработка со Бугарскиот културно-информативен центар во Скопје и ќе биде отворена за јавноста до 25 ноември.
