Убиство во Велес поради негрижа на полицијата на Тошковски и институциите на ДПМНЕ, бараме одговорност
Претседателката на Форумот на жени на СДСМ, Даниела Колева, на денешната прес-конференција изјави дека двојното убиство во Велес е „страшна трагедија“, но уште пострашно е тоа што, како што рече, „зборуваме за животи кои можеле да бидат спасени“.
„Овој случај е јасен доказ за системски колапс на ВМРО-ДПМНЕ и за институционалната незаинтересираност за граѓаните и заштита на жртвите на семејно насилство,“ истакна Колева.
Според неа, полицијата на министерот Тошковски и Центарот за социјална работа во Велес не ја завршиле својата работа, туку со негрижа овозможиле насилството да ескалира до убиство.
„Сега веќе убиената Росица барала помош кога била тепана, кога имала закани, кога ѝ била запалена колата. Полицијата на Тошковски имала над 70 пријави за закани, физички напади, палење возило и кражба. Но, со прст не мрднале. Не издале забрана за приближување, не спровеле постапка, не обезбедиле заштитни мерки,“ рече таа.
Колева посочи и на пропустите на Центарот за социјална работа кој, како што нагласи, „не понудил никаква помош на жртвата, не спровел проценка на ризик, не ја сместил во безбедна куќа и ја оставил сама и незаштитена иако опасноста била очигледна“.
„Насилникот не бил третиран како високоризично лице иако заканите биле повторувани и сериозни. Ова е суровата реалност во Македонија денес со ВМРО-ДПМНЕ. Институциите што треба да ги штитат граѓаните и жените потфрлиле. Нивното молчење, нивната инертност и некоординираност ја чинеа Македонија уште еден фемицид,“ изјави претседателката на Форумот на жени.
Таа оцени дека оваа трагедија е „институционален срам“ и најави дека СДСМ бара итна ревизија на случајот, одговорност и санкции за сите службеници кои не постапиле.
„За живот се работи. Одговорност мора да има,“ порача Колева.
