„Украина не смее да ја загуби оваа војна“ – германскиот министер за финансии во ненајавена посета на Киев
Германскиот министер за финансии Кристијан Линднер утрово беше во ненајавена посета на Киев.
По пристигнувањето во Киев, Линднер истакна дека ќе има многу конкретни разговори со украинските официјални лица за тоа како германското Министерство за финансии може да обезбеди поддршка за Украина, пишува Франс прес.
„Дојче веле“ наведува дека по пристигнувањето во Киев, Линднер рекол дека „Украина не смее да ја загуби оваа војна“.
– Она што е во прашање тука е иднината на европскиот поредок на мир и слобода – изјави тој веднаш по неговото пристигнување.
– Разговорите во Киев нема да бидат само за сегашната ситуација, туку и за иднината – нагласи Линднер.
Рече дека од февруари минатата година Германија и’ испратила на Украина 22 милијарди евра хуманитарна, финансиска и воена помош.
ДВ пренесува дека Линднер последен пат бил во Украина на почетокот на 2020 година. Во понеделникот тој кажа дека е поубеден од кога било дека Русија ја нападнала Украина бидејќи Киев ја вреднува демократијата и пазарната економија.
Неговото патување дојде во време на барањата на Украина до германската влада да им достави крстосувачки ракети Торус. Во неделата, канцеларот Олаф Шолц се двоумеше кога беше прашан за тоа за време на интервјуто за јавниот радиодифузен сервис ЗДФ, според ДВ.