Унгарците го испратија Орбан во историјата – што со „орбановците“ на Балканот?
Џелал Хоџиќ/ CivilMedia
Огромно мнозинство во Унгарија, милиони Унгарци, вчера во историја го испратија Виктор Орбан. Со други зборови: Орбан го отфрлија оние во кои јавно се колнеше, додека брутално ги крадеше.
Партијата ТИСА на опозиционерот Петер Маѓар е дел од семејството на умерените европски десничари ЕПП. Вчера цела демократска Европа му ја честиташе победата на Маѓар, а го славеше поразот на Виктор Орбан. Честитките доаѓаа и од семејствата на европските либерали и европските социјалдемократи. Од сите политички структури кои се залагаат за обединета демократска Европа. Денес и Барак Обама се огласи колку е важен поразот на Орбан за демократијата, не само во Европа, туку и во светот.
Виктор Орбан вчера доживеа огромен пораз од неговите сограѓани Унгарци, а од поразот не го спаси целата логистика на режимот на агресорот Путин. Беше откриен план во кој требало да се организира и лажен атентат врз Орбан, со цел да се направи пресврт на изборите. Пишуваа за тоа демократските светски медиуми и малкуте прозападни македонски портали.
На Орбан не му помогна ниту логистиката од Александар Вучиќ. Не беа од помош ниту политичките партнери Унгарци од Србија претставувани од Пастор, ниту драмата за експлозивот на гасоводот на „Балкански тек“, кој носи руски гас од Турција преку Бугарија и Србија до Унгарија.
На Орбан не му помогна поддршката и од Христијан Мицкоски и македонската влада. За време на кампањата во Унгарија, делегација на македонската влада предводена од премиерот Мицкоски престојуваше во официјална посета на Унгарија, каде што имаше средба со Орбан, а учествуваше и на економски форум во Будимпешта. Никој од македонските мејнстрим медиуми не постави прашање до Мицкоски зошто македонскиот премиер со цела владина делегација се вклучи во кампањата за Фидес на Орбан, а против сестринската ТИСА од ЕПП?
Во кампањата за поддршка на Орбан се вклучи и Милорад Додик. Осудениот диктатор од Бања Лука се јави со изјава и на самиот ден на изборите во Унгарија.
Ништо од тоа не му помогна на Виктор Орбан.
Сијарто за потребите на Москва пренесуваше пораки од состаноци во Брисел. Орбан во интерес на Путин ја кочеше со сите сили европската помош за Украина. Орбан е прокси на Путин во Европа. И конечно падна.
Сега е време демократскиот свет да се справи со оние политичари кои се прокси на Орбан на Западен Балкан.
До тогаш останува „орбановците“ од Западен Балкан на раат да го испратат својот „политички татко“ на неповратен пат кон путинова Москва.

