УНХЦР во Бугарија повика на вложувања во поддршката за жените и девојчињата кои преживеале родово базирано насилство
По повод Меѓународниот ден за елиминирање на насилството врз жените, претставништвото на Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) во Бугарија повика на вложувања за да се одржат услугите кои спасуваат животи. Во објава на Фејсбук, УНХЦР ги издвои здравствената грижа, психосоцијалната поддршка, достапноста на кризни центри и правната помош.
„Сите кои преживеале насилство, вклучувајќи ги и жените и девојчињата бегалки и оние без државјанство, мора да бидат опфатени со националните системи за превенција, заштита и пристап до правда во случаи на родово базирано насилство“, порача УНХЦР во Бугарија.
Во текот на изминатата година, претставништвото, заедно со здружението „Деметра“ и Институтот за филозофија и социологија при Бугарската академија на науките, ги истражуваше можните ризици за безбедноста на жените и девојчињата бегалки во прифатните центри и во објектите за сместување во Бугарија.
Врз основа на наодите, со учество на институциите и граѓанскиот сектор, беа подготвени препораки за отстранување на пропустите, подобрување на безбедносните мерки и спречување на насилството врз жените и девојчињата бегалки.
Според податоците што ги наведува УНХЦР, насилството погодува една од три жени во светот, а 70 отсто од жените во хуманитарни кризи се жртви на родово базирано насилство. И покрај буџетските кратења, УНХЦР и партнерските организации продолжуваат да обезбедуваат заштита и поддршка за жените и девојчињата бегалки и за оние без државјанство ширум светот.
