УШТЕ ДВАЈЦА ОД ОБВИНЕТИТЕ ВРАБОТЕНИ ВО МВР ЗА АФЕРАТА ,,ДВОЈНИК“ ПРИЗНАА ВИНА

/

Две години и пет месеци затвор и се досудени на Оливера Софрониевска. Според обвинението, таа одобрила издавање на 198 пасоши. Судијката Оља Ристова рече дека казната ја одмерила според отежителните околности, односно дека во конкретниот случај е загрозен интегритетот на системот за издавање на патни исправи, а олеснителни биле нејзината семејна и здравствена состојба, но и дека признала вина.

За истото дело, злоупотреба на службената положба, на обвинетиот Шемседин Јашари му е изречена казна затвор од 1 година и седум месеци. Тој се води како креатор на девет налози за издавање на пасоши. Судијката Ристова меѓудругото во образложението на пресудата рече дека Јашари бил должен како вработен во МВР да влева доверба кај граѓаните.

На овие двајца обвинети, како и на петмината кои на минатото рочиште пред два дена признаа вина им е изречена и забрана за вршење на дејност во траење од 10 години. Сите имаат право на жалба пред Апелација. За обвинителката Спасенка Андонова брзиот тек на постапката е очеуван бидејќи како што вели поседува цврсти докази, но сепак обвинителството нема податоци со колкава материјална корист се здобиле обвинетите.



Од единаесет обвинети постапката во Кривичниот суд во вторник продолжува за тројца обвинети, односно за Фарук Буки, Весна Колевска и Бранислава Владичевска, кои и денеска во два наврати се изјаснија дека не чувствуаат вина. Раздвоена постапка се води и за обвинетата Наздрие Зековиќ која на минатото рочиште преку својот бранител преднајави признание на вина, но поради здравствени причини не беше присутна.

Според обвинението, тие се сомничат дека во периодот од јуни 2017 до крајот на 2020 биле изадени пасоши на 214 странски и еден македонски државјанин.

Претходна статија

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ ГИ ОБЈАВИ ЦЕНИТЕ НА КИНЕСКИТЕ ВАКЦИНИ

Следна статија

ФИЛИПЧЕ: ЕФИКАСНОСТА НА ВАКЦИНАТА НА „СИНОВАК“ Е ПОГОЛЕМА ОД 50 ПРОЦЕНТИ

Најново од Вести