Уште две Бугарки уапсени во Русија – една од нив на „црна листа“ за екстремизам
Уште две Бугарки се уапсени во Русија, само неколку дена откако беше објавено дека жителката на Волгоградска област, Росица Георгиева, е осудена за „оправдување на тероризам“, пишува бугарскиот дневен весник „24 часа“.
Втората приведена е 24-годишна студентка, која е обвинета за измама. Името на третата жена се појавува во јавно достапниот список на организации и физички лица за кои има информации дека се поврзани со екстремистичка дејност или тероризам, објавен од Федералната служба за финансиски мониторинг на Русија, пренесе БНТ.
Станува збор за Даниела Златомирова Кехајова од Хасково, стара 31 година. Освен нејзиното име и националноста, во списокот не е наведено зошто се наоѓа таму, ниту дали постојано живее во Русија, како и кое е нејзиното тековно место на живеење.
Федералната агенција која го води списокот е под директна контрола на претседателот Владимир Путин.
