УСТАВНИТЕ СУДИИ ПОДЕЛЕНИ ЗА АМНЕСТИЈАТА ЗА „27 АПРИЛ“
Уставниот суд на денешната втора седница ги разгледа иницијативите за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина и посебно за членот 2. Ставовите на уставните судии се поделени. За едни иницијативата треба да се отфрли како неоснована, додека според други Законот е противуставен и иницијативата на може да биде отфрлена.
Уставниот судија Насер Ајдари, образложувајќи ги иницијативите, рече дека барањата за утврдување на уставност треба да се отфрлат како неосновани бидејќи судот веќе се има произнесено по овој закон.
Според судијата Јован Јосифовски, овие две иницијативи се подробно образложени и треба да се прифатат, особено што тој останува на својот претходен став, дека законот е противуставен.
– Неспорно е дека Собранието дава амнестија, туку членот 2 со кој се префрла правото на одлучување на судот. Не е ова прв пат да се дава амнестија, ова е шестти случај на амнестија. Не може Собранието кое дава амнестија да го пренесе правото на судот да одлучува арбитрарно кој ќе добие, а кој нема амнестија за ист кривичен настан. Од тие причини сметам дека законот е противуставен, рече Јосифовски.
Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати, рече дека негов личен став е дека сите правни норми мора да бидат функционални и дека со давањето вакви закони за вакви настани не се зацврстуваат државните вредности.
– Никогаш нема да поддржам вакви амнестии кои се на штета на државата. Се овој закон во целост ние нема да ги дисциплинираме сторителите и не ги зацвстуваме државните вредности, изјави Мурати.
Иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина е поднесена од Тодор Петров од Светскиот македонски конгрес, додека иницијативата за членот 2 од истиот закон е поднесена од адвокат Јошевска Анастасовска.
Уставниот суд одлучува со мнозинство на тајно гласање.
