Уставните судови на Северна Македонија и Романија ќе ја продлабочуваат соработката
Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски, се сретна со Михај Бусујок, судија во Уставниот суд на Романија. Разговорите поминаа во дух на отвореност и заемна подготвеност за унапредување на билатералната соработка меѓу двете институции.
На средбата, како што беше соопштено, се разговарало за актуелните предизвици со кои се соочуваат уставните судови на двете земји, како и за улогата на уставно-судската заштита во контекст на современите општествени и правни околности.
Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на меѓусебната соработка, особено преку размена на искуства, знаења и судска практика. Претседателот Костадиновски истакна дека ваквите контакти претставуваат важен механизам за зајакнување на независноста и ефикасноста на уставното судство во регионот.
Во рамките на разговорот, беше договорено во наредниот период да се интензивираат контактите помеѓу двата суда. Притоа, претседателот Костадиновски ја прифати поканата на претседателката на Уставниот суд на Романија, Елена-Симина Танасеску, за официјална посета, која се очекува да се реализира во првата половина на 2026 година.
