| |

Семејствата на жртвите од „Пулс“ со тажна порака по смртта на Панчо: „Вашата болка е наша болка“

По веста за трагичната смрт на пејачот Владимир Блажев – Панчо од групата ДНК, кој утрово го загуби животот, повторно се огласија семејствата на жртвите од несреќата во кочанската дискотека „Пулс“. Со длабока тага, тие изразија сочувство до семејството на пејачот и ја споделија својата болка, потсетувајќи дека секоја нова загуба ги враќа спомените на најцрниот ден во нивните животи.

Од Здружението на граѓани „16-ти март 2025“, родителите упатија искрени зборови на поддршка:

„Изразуваме најдлабоко сочувство до семејството на Владимир Блажев – Панчо. Бог да Ви дава сила. Со длабока тага и солзи во очите ја примивме веста за загубата на уште еден млад живот – Владимир Блажев, Панчо, талентиран пејач од групата ДНК, 63-та жртва од пожарот во дискотеката ‘Пулс’. Млад човек, со сонувања, со музика и со енергија што допираше срца, сега замина предвреме, оставувајќи празнина која не може да се пополни.“

Родителите нагласија дека целосно ја разбираат болката на семејството на пејачот, бидејќи и самите го искусиле најтешкото можно страдање.

„Вашата болка е наша болка. Вашата загуба е наша загуба. Ги чувствуваме секоја солза, секој нем збор, секој празен момент што го остава оваа трагедија“, порачаа тие.

Во своето обраќање, семејствата повторно ја истакнаа потребата од правда за сите жртви на пожарот во дискотеката „Пулс“.

„Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. А ние нема да молчиме – правдата мора да дојде!“, додадоа тие.

Со нивните зборови, болката и надежта за правда повторно се испреплетуваат – сведоштво дека трагедијата на „Пулс“ останува отворена рана која ја обединува тагата на многумина.



Слични Објави