Спортистот Сергеј Билалов – втор живот по трансплантација на црн дроб во ВМА-Софија
51-годишниот Сергеј Билалов денес живее, работи, спортува и го промовира донирањето органи, само две години по животоспасувачка трансплантација на црн дроб во Воено-медицинската академија (ВМА) во Софија. „По трансплантацијата започнав нов живот – подобар, посмислен. Ова е мојата втора шанса“, вели тој, јавува Актуално.
Роден во сибирски град, Сергеј од 2014 година живее во Бугарија со својата сопруга и ќерка. По дијагноза со рак на црниот дроб и повеќе од една година во неизвесност, во ноември 2023 година тој го добива повикот што му го менува животот – се појавил донор. „За 40 минути веќе бев во ВМА, а истата вечер ми ја изведоа операцијата“, се сеќава Билалов.
Денес тој не престанува да ја изразува својата благодарност – кон лекарите, медицинските сестри, целиот тим на ВМА, но и кон семејството на донорот кое подарило живот. По закрепнувањето, Сергеј почнува да трча за да покаже дека животот по трансплантација може да биде активен и исполнет.
Билалов веќе учествува на маратони во Бугарија и во странство, меѓу кои и Светските игри за трансплантирани во Дрезден, од каде се враќа со неколку медали. „Тоа беше неверојатно искуство, полн со енергија и инспирација“, споделува тој.
„Благодарение на едно семејство денес сум жив. Донорството не е губење, туку дарување живот“, порачува Сергеј, кој веќе се подготвува за следните Европски и Светски игри за трансплантирани во 2026 и 2027 година – со една цел: да продолжи да инспирира, да дава надеж и да трча за животот.

