Шестиот блок на АЕЦ „Козлодуј“ ќе работи со американско гориво од следната година
Од почетокот на 2026 година шестиот блок на нуклеарната централа „Козлодуј“ во Бугарија ќе започне да користи американско нуклеарно гориво. Првите шест касети на компанијата „Вестингхаус“ ќе бидат поставени во реакторот за да се утврди како влијаат врз производството на електрична енергија.
До крајот на 2026 година се очекува Бугарија да добие и први испораки на француско атомско гориво. Веста беше објавена за време на научна конференција за атомска енергетика што се одржа во Несебар, јави БНТ.
Повеќе од една година, петтиот блок на централата работи со комбинирано руско и американско гориво. Според договорот со „Вестингхаус“, од следната година овој метод ќе се применува и во шестиот реактор.
До минатата година во земјата се користеше исклучиво руско гориво. Но, како дел од стратегијата за диверсификација, од 2026 година Бугарија ќе започне увоз и на француско гориво.
