Адеми: Мицкоски сака да ги избрише Албанците од политичката сцена
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на прес-конференција остро реагираше на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој во јавноста порача дека „целта на овие избори е ДУИ да исчезне од политичката сцена“.
Адеми оцени дека со оваа изјава Мицкоски ја потврдил вистината за која ДУИ зборува со месеци – дека сака да одлучува во име на Албанците и да ја контролира нивната политичка сцена.
„Мицкоски не сака само победа на избори, туку бришење на една политичка идеја – рамноправноста на Албанците. Тој сака да одлучува кој е прифатлив Албанец, кој може да седи на масата, а кој не. Тоа е обид за политичко чистење што ќе му се врати како бумеранг“, рече Адеми.
Според него, „идејата на Мицкоски, поддржан од т.н. српски свет, е да спречи обединување и силно претставување на Албанците“, додека во власта би останале, како што вели, „слаби и покорни албански политичари“.
Адеми најави дека на 19 октомври, на денот на изборите, Албанците ќе дадат јасен одговор. „На тој ден Мицкоски и неговите сојузници ќе доживеат пораз. Албанците нема да дозволат никој друг да им наметнува политички претставници. Еднаш ја направи таа грешка Заев, сега ја повторува Мицкоски,“ истакна тој.
ДУИ, нагласи Адеми, можеби не е совршена, но секогаш била изборот на Албанците. „Не на Мицкоски, не на ВМРО, не на структури кои сакаат покорни Албанци. На 19 октомври ќе се покаже дека единствено Албанците одлучуваат кој ќе ги претставува,“ заврши Адеми.

