Албанија чекор поблиску до ЕУ: Oтвори нов кластер
Албанија официјално го отвори петтиот од вкупно шест кластери во преговорите за пристапување во Европската унија. Станува збор за кластерот 4 – „Зелена агенда и одржлива поврзаност“, кој опфаќа четири поглавја: транспорт (14), енергетика (15), трансевропски мрежи (21) и климатски промени (27).
Еврокомесарката за проширување, Марта Кос, изјави дека Албанија постигнува „импресивен напредок“ и дека, доколку продолжи со ова темпо, може да ги отвори сите кластери до крајот на годината. Таа додаде дека реформите се тешки и бараат длабоки промени, но дека земјата докажа дека позитивни резултати се можни. Кос ја пофали Албанија за напредокот во судските реформи, борбата против корупцијата, заштитата на малцинствата и медиумските слободи.
Премиерот Еди Рама нагласи дека отворањето на пет кластери за 11 месеци е рекорд и изрази надеж дека до крајот на годината ќе се отвори и последниот кластер. Тој ја опиша ЕУ како „империја на вредности, права и безбедност“, дел од која Албанија сака да стане.
Кос потврди дека целта е техничкиот дел од преговорите да заврши до 2027 година, а Унијата целосно ја поддржува таа амбиција. Таа истакна дека иднината на Албанија е во ЕУ и дека денешниот чекор е значаен напредок.
Дополнително, Мари Бјере, данската министерка за европски прашања, чија земја претседава со ЕУ, оцени дека отворањето на нов кластер е доказ дека вистинските реформи носат конкретни резултати. Таа истакна дека Албанија направила значителен напредок во усогласување со европските стандарди и ја нагласи важноста на проширувањето како геополитички приоритет по руската инвазија на Украина.
„Проширувањето е неопходно за посилна и побезбедна ЕУ, и затоа е еден од приоритетите на данското претседателство“, рече Бјере.

