(Видео) На денешен ден: 74 години од создавањето на првата бугарска воена единица во состав на НАТО
На денешниот 20 октомври се навршуваат 74 години од создавањето на првото бугарско воено одделение кое било дел од вооружените сили на НАТО – Бугарската национална доброволна чета бр. 4093, која делувала во состав на американската армија во тогашна Западна Германија, јавува инфоцентарот на Министерството за одбрана на Бугарија.
Историските податоци покажуваат дека само две години по основањето на НАТО, во 1951 година, американските власти се обратиле кон д-р Г. М. Димитров, претседател на Бугарскиот национален комитет, со барање да помогне во формирање на воено одделение составено од бугарски политички емигранти во Западна Европа. Димитров ја прифатил иницијативата и за помалку од еден месец успеа да убеди повеќе од 200 доброволци да се приклучат.
Во чета бр. 4093 служеле бугарски политички бегалци кои се спротивставувале на власта на Бугарската комунистичка партија по 9 септември 1944 година. Единицата била организирана како стандардно пешадиско одделение на американската армија – четири вода од по 40 војници за обезбедување на објекти и еден административен вод. Нејзината задача била да обезбедува важни објекти на НАТО во Западна Германија, вклучувајќи складишта со оружје, муниција, ракети и друга вредна воена опрема.
Првата бугарска натовска чета била расформирана во 1964 година. Во 2002 година тројца ветерани од ова одделение го посетиле Националниот военоисториски музеј во Софија, каде дарувале униформи и лични предмети поврзани со нивната служба. Овие артефакти денес се дел од постојаната музејска поставка.

