ВАРДАР 1961 СТАРТУВА СО 25.000 ЕВРА, НОВ ГЕНЕРАЛЕН МЕНАЏЕР И ПРВ ЧОВЕК НА УПРАВАТА!

Новата, пост-Самсоненко ера на актуелниот ракометен европски шампион, официјално почна вчера, откако Централниот регистар ја прифати пријавата на новиот клуб Вардар 1961, за кој ќе биде запишано дека е формиран на 29 мај 2020 година, пишува порталот Фактор.

Сопственик на наследникот на клубот кој двапати во последните три години се искачи на кровот на Европа е компанијата за изградба и одржување на топлотехнички постројки Ватростална, зад која стои Михајло Михајловски, кој, пак, е запишан како генерален менаџер на црвено-црните. Претседател на Бордот на директори ќе биде Бојан Јанев, а неизвршен член Благоја Лазаревски, двајцата, според информациите достапни на интернет, познати стопанственици, кои во моментов се членови на Управниот и на Надзорниот одбор на Државната лотарија на Македонија.

Вардар беше приморан да ја промени сопственичката структура, откако досегашниот газда, Сергеј Самсоненко, процени дека повеќе нема сили да го финансира ракометниот гигант од „Јане Сандански“. За Михајловски ова е само враќање на чело на клубот, кого го предводеше пред доаѓањето на рускиот бизнисмен, а тој клубот го презема со чисти сметки и без стари долгови, кои мора да бидат вратени од Самсоненко.

Новата управа веќе засилено работи на формирање силен тим, со кој, според зборовите на новиот генерален менаџер, ќе се атакува на домашната титула, пласман меѓу четирите најдобри во СЕХА и меѓу осумте најдобри во Лигата на шампионите.



Слични Објави