Бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова: Клучни услови за успешно проширување на ЕУ се политичката волја и широкиот општествен консензус во земјите кандидатки
Министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, вчера учествуваше на Годишниот форум на ЕУ за проширување во Брисел. Заедно со своите колеги од Ирска, Шпанија и Литванија, таа се вклучи во панел-дискусијата „Подготвени за поголема Унија“.
„Клучни услови за успешно проширување на ЕУ се политичката волја и широкиот општествен консензус во земјите кандидатки“, нагласи министерката Петрова.
Таа истакна дека проширувањето создава можности и за земјите кандидатки и за земјите членки – за економски раст, поблиска соработка и поинтензивна размена меѓу општествата.
Министерката Петрова ја потврди поддршката на Бугарија за процес на проширување заснован врз сопствените заслуги на секоја земја кандидатка. Напредокот треба да се оценува поединечно, според постигнатите резултати и спроведувањето на неопходните реформи.
Во своето обраќање, таа потсети дека европската перспектива на Западен Балкан доби нов политички поттик за време на првото бугарско претседателство со Советот на ЕУ во 2018 година. Министерката ги издвои добрососедските односи, безбедноста и стабилноста како важни предуслови за напредокот на процесот.
Форумот е организиран од Европската комисија, под покровителство на нејзината претседателка Урсула фон дер Лајен, со учество на еврокомесарката за проширување Марта Кос.
