ВЕНКО ФИЛИПЧЕ: ЌЕ ГИ ЗАЈАКНЕМЕ КАПАЦИТЕТИТЕ НА МЕДИЦИНСКИОТ ФАКУЛТЕТ

//

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче во присуство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев имаше свое обраќање на панел дискусијата „Инвестираме во , иднината на здравството во Македонија“. Во својот говор, пред присутните специјализанти, млади доктори, професори и студенти, министерот Филипче истакна:

„На мое огромно задоволство ја организиравме денешната трибина со цел младите лекари, студенти и специјализанти на медицински науки да имаат можност отворено да дискутираат за сите актуелни проблеми и предизвици со кои се соочуваат, но и за можностите за развој и едукација. Главна цел на сите досега спроведени мерки заедно со Владата на Република Македонија беше да го задржиме младиот медицински кадар во земјава, на што напорно ќе работиме и во претстојниот период.

Како што напомена и претседателот на Владата на Република Македонија, г. Зоран Заев, со заеднички напори и со помош на Владата за прв пат во Македонија се обезбедија средства за исплаќање на надоместок на приватните специјализанти за нивниот труд и работа во висина од минимално загарантирана плата за општ лекар.

Веќе почнаа исплатите за околу 200 специјализанти, а од овој месец дополнително ќе бидат исплатени уште 92-ца кои беа запишани на специјализација со јануарскиот конкурс годинава. Со заеднички договор со Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија дополнително уште околу 40 специјализанти стоматолози од септември ќе добиваат соодветен надоместок.

Изминативе години младиот медицински кадар беше заборавен од државата. Лошите политики придонесоа младите да ја напуштаат земјава. Здравството беше клекнато на колена, наследивме руинирани болници и големи долгови. Младите единствениот излез од целата таа ситуација го гледаа во учењето странски јазик и аплицирање за работа во странски земји.

Владата на Република Македонија и Министерството за здравство се обидоа да направат промена, да пробаат нешто ново, нешто во што веруваат и младите дека може да придонесе за да се промени атмосферата. Во насока на задржување на младиот медицински кадар во земјава со помош на Владата на Република Македонија се обезбедуваат нормални услови за работа и повисоки плати. Зголемување на надоместокот за дежурства, ноќен труд и прекувремена работа е во насока на останување на медицинскиот кадар дома.

Во оваа прилика сакам да истакнам и дека се работи на зголемување на квотите за државна специјализација. Бројот и видот на специјализации е креиран според процените од терен. Се очекува конкурсот да биде распишан во најголем дел во септември, а во помал дел крајот на јуни. Со повисоки плати, поголема шанса за специјализација и подобрување на условите за работа, целта е да се направи атмосфера во која лекарите и останатиот медицински кадар ќе изберат да останат во земјава.

За младиот медицински кадар да остане во земјава потребно е јакнење на капацитетите на медицинскиот факултет со млад и амбициозен кадар, на кои ќе им се остави простор за младински активизам, студентско ангажирање, воведување на нови програми и содржини, како и поголема соработка со професорите и асистентите.



Понатаму, потребно е инвестирање на факултетите во нова и современа опрема, зголемување на фондот на библиотеките, опремување на лабораториите за практицирање медицина, модернизација на едукативниот процес, разменување на искуства и организирање на предавања од еминентни странски професори, како и извршување пракса.

На тој начин би ги задржале младите во Македонија со сигурна работа и добра почетна плата веднаш по дипломирањето. Младите се витален дел од општеството и не смееме да дозволиме повеќе нивен егзодус.

Заминувањето на најважниот ресурс од земјава, млад и образован кадар, е навистина голема штета за нашата економија, за нашето образование, но и за нашето здравство. Иако многу млади кои заминуваат во странство често и остануваат таму, некои од нив се враќаат и го споделуваат своето знаење и стекнато искуство во Македонија.

Тоа што ние можеме да го искористиме како предност од оние кои заминале во странство е искористување на нивната стекната експертиза, па така, моментално се поврзуваме со наши доктори кои заминале на еминентни универзитети и сега работат во некои од најдобрите болници во светот.

Нивното искуство и знаење можеме да го искористиме на пример за посети и работа со наши доктори тука, организирање на вебинари онлајн, размена на наши студенти и учење покрај успешни македонски доктори во странство.

Покачувањето на платите, зголемување на парите за дежурства и ноќен труд, како и едукации и обуки на лекарите од странски експерти е обид за спречување на одливот на мозоци од Македонија.

За жал, младите лекари имаат недостаток од едукација, научно-истражувачка работа, пракса. Потребна е континуирана едукација, надградба на вашите знаења, но и примена на стекнатите знаења и вештини. Со зајакнување на вашите образовни капацитети и добивање работа после пракса, како и плата која ќе ви овозможи достоинствен живот, верувам дека можеме да ве задржиме тука. Сепак сите заедно треба да работиме напорно во следниот период за младите да ни останат во земјава.

Претходна статија

ПОСТИГНАТ ДОГОВОР: НАИНГОЛАН ВО ИНТЕР ЗА 29 МИЛ. ЕВРА + МЛАДАТА ЅВЕЗДА

Следна статија

ЕДНА ДЕВОЈКА – 15 ГЛАСОВИ, СЛУШНЕТЕ ЈА ЈАНИНА КИЕЗА (ВИДЕО)

Најново од Вести