Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет
Весна Дамева е нова претседателка на Судскиот совет на местото на Павлина Црвенковска. Таа беше избрана со 10 гласа „за“ и со еден „против“ кој го доби од колешката Лорета Георгиева.
На седницата не присуствуваше Црвенковска, која минатиот вторник поднесе неотповиклива оставка од претседателка на Советот. Од гласањето се иззеде Зоран Герсимовски бидејќи пред две недели беше избран за член на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители, а минатата недела на конститутивна седница беше избран за в.д. директор на Академијата до изборот на нов директор што треба да се случи в среда.
По Црвенковска, изборот на Дамева е вториот кој се избира согласно новиот Закон за судски совет кој стапи во сила во мај 2020 година, а според кој првиот човек на Судскиот совет се избира од редовите на членовите кои се избрани од Собранието. Такви се пет од вкупно 15 члена: тројца од нив ги избира директно Собранието, а другите двајца, исто така, се избираат во парламентот, но по предлог на претседателот на државата. Осум членови, пак, се избираат на избори од редот на судиите. Преостанатите двајца члена на Судскиот совет по функција се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, но тие се без право на глас.
