(Видео) Во Стара Загора свечено беше пречекана чесната глава на Св. Климент Охридски
Во Стара Загора свечено беше пречекана чесната глава на Св. Климент Охридски. Светињата пристигна од манастирот „Св. Јован Крстител“, кој се наоѓа на неколку километри од градот Верија, во близина на Солун, јавува БГНЕС.
Според историчарите, токму таму Св. Климент Охридски го примил монашкиот постриг. Програмата започна пред зградата на Обласната администрација во Стара Загора, од каде што тргна литија до катедралниот храм „Св. Николај“.
Во храмот беше отслужена празнична вечерна богослужба, а стотици верници се поклонија пред моштите. На 5 октомври, празничен ден за градот, во 09:15 часот во катедралниот храм „Св. Николај“ ќе биде отслужен молебен за здравје и благосостојба.
Потоа, со литија предводена од Старозагорскиот митрополит Кипријан, свештенослужителите и гостите ќе се упатат на свечената седница на Општинскиот совет, на која архијерејот ќе биде одликуван со званието „Почесен граѓанин“.
Во 18:00 часот, повторно во катедралниот храм „Св. Николај“, ќе биде отслужена празнична вечерна богослужба.
