Пулев: Целта е фабриката на „Рајнметал“ во Бугарија да биде изградена за 30 месеци
Бугарската влада има цел во рок од 30 месеци фабриката на „Рајнметал“ во Бугарија да стане реалност, изјави вицепремиерот и министер за економија, инвестиции и индустрија Александар Пулев во емисијата „Зошто“ на Би Ти Ви, пренесува БТА.
Пулев рече дека со претставници на „Рајнметал“ биле одржани повеќе средби на кои се разговарало за основните параметри на проектот. Според него, клучен услов е да се заштити бугарскиот интерес преку целосен трансфер на технологија, кој би се користел за модернизација на домашните претпријатија и капацитети во одбранбената индустрија.
Локацијата за фабриката сè уште е предмет на дополнителни преговори и увид. Пулев рече дека биле предложени терени што ги исполнуваат потребните услови за снабдување со електрична енергија, вода и друга инфраструктура.
„Ние немаме години, поставивме цел во рок од 30 месеци оваа фабрика да стане факт“, изјави Пулев.
