| |

Вето за ЕУ

Facebook статус на Никица Корубин

“Катарзата” и сеопштото смирување што го доживува нашата “јавност” деновиве, за жал нема никаква врска со празниците кои се приближуваат. Наеднаш нема “бугарски диктат” секој ден од секоја населба, село и град; нема секојдневно барање за “78% повисоки плати”; се заборавија и Бехтел и Енка; нелегитимноста на судскиот совет, корупцијата, црната листа, владеењето на правото, како и сите останати реални и конструирани скандали, а оние премолчените секако никогаш и не го видоа светлото на денот.

Има понекоја тривијална забелешка за украсувањето на главниот град, малку “мудрување” за “циничната и лоша ЕУ” која ете можела и без консензус да дозволи преговори со ЕУ и редовната сезона на “анкети и стручни анализи” за тоа “колку е намалена поддршката на македонските граѓани за ЕУ”. Онаа што пропаѓа, а никако да пропадне. Поддршката или ЕУ сеедно.

Само парите да преживеат и да не пресушат, особено за оние кои со парите на “даночните обврзници на земјите на ЕУ и САД” од петни жили, се обидуваат на сите да ни’ објаснат дека ЕУ е добра само за нивниот (финанскиски) опстанок, ама не и за нашиот опстанок. Индивидуално и како држава. Тука на сцена стапува ветото. Кое патем речено никогаш и не било кренато.

Нескриено и речиси еуфорично, уживаат во ова вето. И ова вето не е бугарско, а ниту грчко. Не, тоа не се ниту Албанците. Тоа вето е наменето за граѓаните на Северна Македонија. Тоа може да се нарече вето на “јавноста”, вето на “партиите”, вето на “елитите”. Секој по своја желба (и можности). Иако, “можноста” е прва на удар, односно пристапот до неа по било која основа; скратувањето на таа можност, перверзно е цел на прослава овие денови.

“Можноста” (за работа, за кариера, за позиција, за права, за живот) секако и секогаш доаѓала со услови и рестрикции, на “краток ланец” и со докажана подобност, припадност или “потекло”; но, оваа можност за продолжување на преговорите со ЕУ, која и единствено може да ги апсолвира и ефектуира, сите претходни можности е последната и ултимативна “можност” која мора да се блокира. Вето. На сите нас. Од “нашите”. Како инаку ќе се контролираат сите останати “можности”?

И токму ова вето за ЕУ лебди постојано меѓу нас. Го кријат, ама излегува. Го игнорираат, ама се враќа како бумеранг. Го потиснуваат, ама ги потсеќа се’ почесто. На обврските и неизбежното. Глумат, ама несигурно. Сакаат, ама се’ помалку можат. Да лажат и манипулираат преку “јавноста” и да ја узурпираат државата. Се’ е кај нив, а сепак ништо. Токму таква, апатична, чудна и неизвесна е атмосферата деновиве. Чиста фантазмагорија и параноја. Затоа што таква е ситуацијата со нашето локално и автохтоно вето. Се’ држи до последно.

Но, од сите теми кои се премолчеа, извртеа и контаминираа, една е особено интересна. Се јави попатно деновиве, и исчезна со истата брзина. Протоколот со Бугарија. Тој “страшен” документ, со кои ги плашеа граѓаните со месеци, додека го купуваа и трошеа времето за уставните измени. Го врати бугарската министерка за надворешни работи, за да ги потсети нашите зошто по никоја цена “не сакаат да ги изгласаат уставните измени”. И тоа нема врска со идентитетот, кој нели “подмолно” се криеше во Протоколот.

Во него не се крие отварањето на првиот кластер на поглавја, кој ќе следи по автоматизам без било каква дополнителна политичка одлука, веднаш откога ќе се промени уставот; но во него се крие, она за што никој од Владата не најде за потребно да не’ информира, до каде е со превземената обврска за: “Владата на Републила Северна Македонија изјавува дека ќе ја создаде, неопходната сеопфатна правна рамка за целосно отворање на архивите на репресивниот апарат на поранешните служби за државна безбедност од комунистичкиот период …”; а ниту пак опозицијата да праша нешто. Или пак таа го брани (и чита) идентитетот во оваа обврска можеби? Секако сите преку ноќ станаа “комунисти”.

Па, нели за историјата многу се грижиме? А, ова е нели историска тема, а така и е дефинирана во продолжение: “Оваа сеопфатна правна рамка ќе создаде јасни можности за слободен, неограничен и навремен пристап, проучување, право на употреба, објавување и институционално проучување и заштита на соодветните документи”. Чиста историја и наука. Слобода на мисла и “свои на свое”. Да се “средиме од внатре”, така не’ советуваат нашите “ЕУ експерти” и “про-ЕУ елити”. Да се реформираме, додека чекаме ЕУ да се реформира. Совршена тема за почеток, ем историја, ем комунизам, ем “идентитет”. Се’ за што се “грижиме” и за што се самоблокираме. Есенцијата на ветото.

И додека го чекаме законот со европско знаменце, заглавени во ветото за ЕУ што нашите ни го ставија; малку да се насмееме на своја сметка, предновогодишно со познатиот српски новинар Зоран Кесиќ кој шегобијно ни’ порачува, парафразирано, тука во Скопје: “Подобро Северна Македонија, отколку Јужна Србија”. Игра со зборови или игра со … ? Сепак, самите одлучуваме дали е смешно или трагично ова што ни’ се случува. А, според тоа што ќе одлучиме, ќе зависи на крајот дали ќе плачеме или дали ќе се смееме.



Слични Објави