|

Бистрите реки во Алјаска станаа чудно портокалови

Некои од вообичаено чистите, ледено сини водни патишта на Алјаска станаа светло портокалова. Оваа нова боја е толку интензивна што може да се види од орбитата на Земјата.

„Портокаловите реки се толку големи што можеме да ги видиме од вселената. За да се види нешто такво од орбитата, бојата треба да биде навистина интензивна“, вели еколошкиот токсиколог Брет Пулин од Универзитетот во Калифорнија Дејвис од Science Alert.

Кога првпат го забележале проблемот во 2018 година, екологот на Службата за национални паркови Џон О’Донел, Пулин и нивните колеги тргнале да анализираат сателитски снимки и различни извештаи и пронашле повеќе од 75 светло портокалови потоци во опсегот Брукс на Алјаска.

„На некои места изгледа како да тече млечен сок од портокал. Ваквите потоци може да бидат токсични или да спречат рибите да мигрираат до местата за мрестење“, вели О’Донел.

Во примероците што ги собрале од обоените потоци помеѓу јуни и септември 2022 година, откриле високи концентрации на железо и други отровни метали, вклучувајќи цинк, бакар, никел и олово. Во некои случаи, овие загадувачи ја зголемија киселоста на водата од вообичаената pH вредност од 8 на 2,3.

PH е степенот на киселост на скала од 0 до 14. Вредноста под 7 означува киселост, а колку е помал бројот, толку е поголем степенот на киселост, што значи дека 0 означува највисок степен на киселост.

„Резултатите укажуваат на истекување од рудник, но нема истек во близина на тие локации“, вели Пулен.

По анализата на сателитските снимки од 1985 до 2022 година, експертите утврдиле дека овој чуден феномен почнал да се случува во текот на последната деценија и се совпаѓа со потоплото време и зголемените врнежи. „Нашата хипотеза е дека поради топењето на вечниот мраз, водата се инфилтрира подлабоко и е во интеракција со минералите заробени илјадници години“, објасни Пулен.

Арктикот се загрева околу четири пати побрзо од остатокот од нашата планета. Дополнителната топлина ја одмрзнува замрзнатата почва, ја зголемува микробната активност и предизвикува формирање на грмушни области. Овие процеси заедно со новоформираните корени ги изложуваат досега недопрените минерали и овозможуваат нивно влевање во басените.

„Се чини дека климатските промени и последователно топење на вечниот мраз се примарните причини за „загадување“ со минерали. Промената на бојата е поврзана со драматично опаѓање на разновидноста на макробезрбетниците и рибите“, наведуваат научниците.



Слични Објави