| | |

(Видео) Бугарија донираше амбулантно возило на општината Цариброд во Србија

Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, преку програмата „Бугарска помош за развој“, донираше амбулантно возило на општина Цариброд, кое во иднина ќе се користи за потребите на пациентите на Здравствениот дом во Цариброд, јавува Фар.рс.

По тој повод, здравствената установа во Цариброд ја посетија новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Бугарија во Белград, Ангел Ангелов, и генералниот конзул во Ниш, Димитар Цанев. Тие беа пречекани од градоначалникот на општина Цариброд, Владица Димитров, и директорот на Здравствениот дом, д-р Роберт Петров.

„Многу сум задоволен што мојот мандат започнува со една донација што ја реализираме за општината, а станува збор за одлично амбулантно возило. Оваа помош доаѓа преку официјалната помош за развој што Република Бугарија ѝ ја дава на Република Србија и амбулантното возило ќе биде наменето за сите граѓани на општината“, изјави за медиумите бугарскиот амбасадор во Србија.

„Низ годините, една од нашите главни цели како дипломатски претставништва во Србија е да бидеме во корист на нашето малцинство тука. Уште една година по ред му помагаме на Здравствениот дом. Претходно обезбедувавме лекари специјалисти од Пирот, а сега помошта е во материјален аспект преку оваа донација. Се надевам дека тоа ќе биде препознаено од нашите сонародници во Цариброд и можам да кажам дека ќе продолжиме во истиот дух“, истакна генералниот конзул на Бугариja во Ниш.

„За мене е големо задоволство и чест што амбасадорот на Република Бугарија ја реализираше својата прва посета токму во Цариброд – место населено со припадници на бугарското национално малцинство. Многу е важно да се зачува животот тука и да се поддржува локалното население, бидејќи живееме во дел од Србија кој е меѓу најслабо развиените региони во земјата. На крајот на минатата година, Здравствениот дом ја истакна пред општината потребата од амбулантно возило, а Република Бугарија излезе во пресрет и многу брзо најде решение, поради што жителите овде се многу задоволни“, изјави градоначалникот на општина Цариброд.

„Сакам да им се заблагодарам на амбасадорот Ангел Ангелов и на генералниот конзул Димитар Цанев за поддршката, како и на Министерството за надворешни работи на Република Бугарија, бидејќи со нивни средства го реализиравме овој проект. Од една страна, амбулантното возило ќе ја олесни работата на нашите медицински тимови, а од друга ќе го подобри квалитетот на услугите за населението и пациентите“, изјави директорот на Здравствениот дом.

Вредноста на проектот „Набавка на амбулантно возило за потребите на Медицинскиот центар во Цариброд“ изнесува 109.230,24 лева.

Погледнете што сними екипата на ФАР.



Слични Објави