(Видео) Бугарија, Грција и Романија со заеднички план за коридорот Север–Југ
Бугарија, Грција и Романија заеднички ќе го планираат, проектираат, ќе издаваат градежни дозволи и синхронизирано ќе го градат коридорот Север–Југ, за да стане функционален во најкратки рокови, без прекини и одложувања.
Ова го изјави бугарскиот министер за транспорт и вицепремиер во оставка Гроздан Караџов при стартот на практичната работа по меморандумот за соработка за коридорот Црно Море – Егејско Море, потпишан во декември 2025 година во Брисел со поддршка на еврокомесарот Апостолос Цицикостас, јавува БГНЕС.
Како клучен приоритет Караџов го истакна брзото завршување на третиот мост на Дунав меѓу Русе и Ѓурѓево.
„Ова е клучен проект не само за Бугарија, туку и за успехот на целиот коридор“, нагласи тој.
Целта, според него, е проектот да влезе во реална подготовка со јасно дефинирани чекори за реализација. Денеска во Софија ќе се разговара и за нови мостови на Дунав.
Караџов потсети дека на 470 километри водна граница меѓу Бугарија и Романија за 72 години се изградени само два моста, додека во ЕУ во просек има по еден мост на секои 17,6 километри.
Како дополнителна цел е посочено зајакнувањето на фериботските врски, како и развојот на железничката линија Атина–Солун–Промахон–Кулата–Софија–Видин–Калафат–Крајова–Букурешт како стратешки економски коридор.

