(Видео) Бугарија се приклучи на Советот за мир под покровителство на САД
Бугарија официјално се приклучи на Советот за мир под покровителство на Соединетите Американски Држави и на претседателот Доналд Трамп, изјави бугарскиот премиер Росен Желјазков по церемонијата во Давос.
„Денес Бугарија се приклучи на Советот за мир под покровителство на Соединетите американски држави и лично на претседателот Трамп. За нас е исклучителна чест и гордост што врховен претставник за Газа е Николај Младенов“, рече Желјазков.
Бугарската влада веќе му даде мандат на премиерот за потпишување на пристапувањето, а следната недела во парламентот ќе биде поднесен ратификациски закон. „Уште следната недела ратификацискиот предлог-закон ќе биде внесен во Народното собрание, за да добие одобрување и да стапи во сила“, нагласи премиерот. Тој посочи дека учеството на Бугарија не подразбира финансиски обврски. „Нашето учество е целосно доброволно и се оценува соодветно од САД и од меѓународната заедница“, додаде Желјазков.
Премиерот потсети дека Николај Младенов со години ја претставувал Бугарија како специјален пратеник на ОН за Блискиот Исток и изрази увереност дека под негово водство ќе се постигне траен мир во Газа. „Затоа присуството на Николај Младенов на чело на обновата и институционалното зајакнување на Газа е исклучително важно“, истакна Желјазков.
Министерот за надворешни работи Георг Георгиев изјави дека „мирот и безбедноста на Блискиот Исток се од стратешко значење за Бугарија“ и нагласи дека мирот е предуслов за спречување миграциски кризи и за стабилноста на Европа. „Мирот на Блискиот Исток е предуслов за безбедноста и сигурноста и во нашиот регион, и во цела Европа“, рече тој.
Георгиев потврди дека Бугарија го поддржува Планот од 20 точки на претседателот Трамп и Планот за Газа одобрен со резолуција на Советот за безбедност на ОН. „Фактот што Бугарин е врховен претставник за Газа е признание и за работата што ќе ја заврши господинот Младенов, и за капацитетот што ќе биде вложен во поддршка на мирот“, додаде министерот.
Тој повтори дека учеството на Бугарија во Советот за мир не носи финансиски обврски. „Финансиските придонеси се доброволни. Ниту една држава не е обврзана на такви“, истакна Георгиев и појасни дека одлуките на Бордот немаат автоматска примена во земјите членки.

