Детали за убиството во Капиштец: турканица завршила со пукање и убиство
Пукањето и убиството во скопски Капиштец се случило по турканица во казино, лоцирана непосредно до автобуската станица, дознава „Макфакс“.
Според информациите, не се работи за испланирано убиство. Двајцата играчи седеле заедно во казиното на слот-машините и играле кога одеднаш станале, меѓусебно почнале да туркаат, едниот од нив го извадил пиштолот и пукал во лицето од Арачиново, кое починало на местото.
„Макфакс“ дознава дека убиецот потоа го напуштил објектот и избегал, но неговиот идентитет ѝ е познат на полицијата.
Во моментот пред казиното има метеж. Затворена е едната сообраќајна лента, која води од Центар кон Влае, а полицијата врши увид на местото.
Може да се забележат неколку полициски екипи. Се земаат изјави од вработни и очевидци, а истовремено се прибираат и снимките од надзорните камери.
На терен e и јавен обвинител, кој, по увидот, ќе издаде потребни наредби за расчистување на случајот.