(Видео) Ива Михаилова: Државата ме држи како заложник речиси една година, а јас се чувствувам сè полошо – ни лековите против болки веќе не помагаат
Ива Михаилова, на која ѝ се суди во Северна Македонија поради сообраќајна несреќа тврди дека здравствената состојба ѝ се влошува, а барањата да замине на лекување во странство ѝ се одбиваат, јавува БТВ. Во пресрет на утрешното судско рочиште, таа изјави дека има силни болки и дека ѝ е потребна итна медицинска интервенција која, според неа, не е достапна во земјата.
„Државата ме држи како заложник веќе речиси една година, кршејќи ги моите човекови права без апсолутно никаква причина, бидејќи не сум виновна за сообраќајната несреќа што се случи. Ми треба лекување што тука не ми го дозволуваат“, изјави пред новинарите Ива Михаилова.
Во Република Северна Македонија утре започнува следното рочиште во судскиот процес за нејзиниот случај.
„Се надевам дека утре процесот ќе продолжи правично. Досега не сметам дека беше правичен, но се надевам дека работите ќе се променат, бидејќи моите вештаци ќе ги презентираат своите вештачења, чии наоди се спротивни на тврдењата на обвинителството“, рече Ива Михаилова.
„Лекарите во Скопје рекоа дека мојата состојба е усложнета. Физички, секој ден се чувствувам сè полошо. Ми треба итно лекување во странство, бидејќи интервенцијата што ми е потребна не се изведува тука“, изјави Ива Михаилова.
Таа објасни дека досега ѝ биле одбиени осум барања, што, според неа, е апсурдно и ги преминува сите граници, со што се кршат нејзините човекови права.
„Чувствувам многу силни болки, а тука не можат да ми помогнат. Дури ни лековите против болки веќе не ми помагаат како порано“, раскажа Ива Михаилова.
Таа рече дека не се чувствува безбедно, бидејќи полицијата влегувала во нејзиниот дом за да изврши претрес без документ.
„Полицајци во цивилна облека по цел ден стојат пред мојата куќа, а над неа има и дронови. Со мене се однесуваат како да сум најголемиот криминалец во Македонија“, сподели Михаилова.
Видеото можете да го погледнете овде.

