Јакимовски по пресудата за една година затвор: Осуден сум политички, власта сака да ме спречи да се кандидирам за градоначалник на Карпош
На вонредна прес-конференција поранешниот градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, изјави дека изречената пресуда за една година затворска казна ја смета за политички мотивирана.
Тој рече дека е осуден не затоа што сторил кривично дело или ја злоупотребил службената положба, туку поради, како што рече, политички причини.
„Осуден сум политички не затоа што сум направил криивчно дело или сум ја злоупотребил својата положба и овластување, осуден сум затоа што власта, овој диктаторски режим, си постави во Карпош тотално неспособен градоначалник кој четири, пет месеци буквално блееше низ прозорот и потоа земајќи боледување кое е лажно и оттогаш наваму му се губи трага. Тоа е причината. А поводот кој е искористен, се бараките за кои недостасува само едно ливче, а тоа е дека имаме дозвола за поставување на времен објект.
Цело време ние докажуваме дека ова е времен објект“.
Според него, станува збор за конструкции изработени од гипс-картон и челична конструкција, кои можат да бидат демонтирани и преместени на друга локација, поради што не можат да се третираат како трајни градби.
Очигледно е, додава Јакимовски, дека во оваа ситуација не е важно дали е виновен туку да биде спречен да се кандидира за градоначалник на Општина Карпош.
„Повеќе од очигледно е дека лицето кое беше поставено за градоначалник на општината го напушти своето работно место и сега нормално е дека власта бара чаре како да се справи со евентуалниот губиток на општината, затоа што нивниот рејтинг и бројот на гласови се буквално преполовени. И тоа е единствената причина зошто ја носат оваа пресуда“, истакна Јакимовски.

