|

Мицкоски: Создаваме Влада која е посветена на враќање на Македонија на нејзиното вистинско место како просперитетна, праведна и динамична демократија

„На денешен ден пред точно 34 години се создаде ВМРО-ДПМНЕ кој не беше само природен порив на македонскиот народ за автентично политичко организирање во зората на распаѓањето на Југославија и потребата за осамостојување на Македонија, туку ВМРО-ДПМНЕ беше и природен порив на многу македонски семејства кои страдаа, беа подложни на прогон во комунистичкиот режим, но секогаш сонуваа и се бореа за своја независна држава, на тој начин сочувувајќи го огнот на историското ВМРО за своја држава, за слобода, за свои институции, знаме химна, банкноти, за татковина која е вистински дом, или со други зборови, конечно, по столетната битка, да се биде свој на своето“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Затоа нашето име е Внатрешна Македонска Револуционерна Организација Демократска Партија за Македонско Национално Единство која во себе го носи поривот на народот за слобода, независност и силна држава Македонија. Во историски контекст мисијата која ја носи ВМР0-ДПМНЕ е и помирување и обезбедување на единство на сите различи групи и страни со цел да се постигне единство, но тоа никогаш не значи и заборавање на ударите кои беа дадени од левицата кон супстратот на македонското ткиво за своја држава, тие голи отоци, прислушкувања, следења, досијеа, жигосувања и брутална пресметка со македонската интелигенција каква што никогаш десницата не се однесувала така неодговорно кон нашите национални и државни интереси и никогаш не посегнала кон разградување на идентитетскиот код.

И денес од Велес, изразувам длабока почит и голем поклон кон сите кои страдаа и беа репресирани поради јасните чуства и патриотската определба да се сака и да се борат за Македонија. Нивните наследници и потомци треба да знаат дека ја имаат мојата почит и признанието од ВМРО-ДПМНЕ за влогот и жртвата која нивните блиски ја направија за идејата од која се роди Македонија“, рече Мицкоски.

„За неколку дена Македонија ќе ја добие новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Во изминатиот период кога се договараше оваа влада внимателно ги следев оние пораки од одредени политички центри од новата опозиција дека премногу им се дало на коалицијата Вреди што е ноторна измислица, замислете тие кои коленичеа во Речица кои 7 години беа главни измеќари на ДУИ нам кои повративме најмалку три четвртини од позициите кои ги изгубија ни велат дека сме дале премногу. Нека биде и така. Сакам да кажам дека ние не даваме, ниту земаме, затоа што Македонија е заедничка држава и се додека албанските и другите коалициони партнери работат по закон и во интерес на државата ќе бидеме еднакви партнери во Владата. Ако било кој застрани со криминални или други агенди ќе биде веднаш санкциониран кој и да е, вклучително и од нашата партија и ќе биде повикан на одговорност. И нема да дозволам ВМРО-ДПМНЕ да стане тоа што беше и е СДСМ, ниту па ќе дозволам Вреди да стане тоа што беше ДУИ. Ќе има работа, но и одговорност. И тука никој не треба да има дилеми.

И колку и да се обидуваат поразените конкуренти да го одвлекуваат вниманието од вистинските теми, да прават диверзии, чудно да откажуваат кислородните компресори во хируршките сали и да нема операции, да снемува документи по институции, да се измислуваат медицински факултети по приватни фирми на кадри на ДУИ преку ноќ, треба да знаат дека ќе ги решаваме сите проблеми, со голема посветеност. И додека тие се однесуваат како разгалено дете кое мисли дека го има природното право на фотелјата дадена од народот, додека не бираат зборови и навреди да го омаловажат секој наш чекор, јас одбирам да не се занимавам со нивните валканици, туку да го реализираме она што го ветувавме пред изборите. И ете ги првите две ветувања. ДУИ заедно со нивниот изведувач оди во опозиција и имаме нов закон за организација на владата кој е донесен со двотретинско мнозинство.

Јас повикав овој закон да се гласа од сите пратеници во име на довербата која народот ни ја даде во огромно мнозинство пред само еден месец. Покажавме дека можеме да обезбедиме поддршка и дека ВМРО-ДПМНЕ за клучните процеси се однесува одговорно и државнички, а се сеќавате каква беше кампањата дека сме немале коалициски капацитет, дека не не сакале странците и што ли уште не измислуваа, а вистината е сосема спротивна на тоа.

И знам дека состојбите во СДСМ се очајни. И нема да зборувам дека она што сега се случува во некогаш големата СДСМ е разочарувачка фрагментираност до најситните делови со кои управуваат деспотите кои го закопаа СДСМ, но треба да знаат дека сето тоа мешање, сите тие пеколни планови и удари кои тие мене ми ги задаваа додека се борев за стабилизирање на ВМРО-ДПМНЕ, тие непринципиелни коалиции и преговори под маса, јас нема да ги правам и нема да им работам позади грб, ниту ми паѓа на памет да им се мешам.

Тие од мене, како претседател на партија која посакува и работи за македонско национално единство имаат подадена рака за дијалог за сите крупни прашања за државата и од важност на граѓаните.

Им подавам рака за македонско национално единство за сите важни прашања за државата. Посакувам да ги надминат огромните проблеми и да седнеме на маса да разговараме за иднината на нашата татковина. Секако ова никако не треба да го сфатат како амнестирање од одговорноста за криминалите, но значи дека во нив ќе гледам партнер со кого имаме одговорност поради сегашните и идните генерации да работиме на создавање на единствени државни позиции кога станува збор за суштинските прашања од важност за Македонија.

Нема од мене да видите двојни стандарди. Ќе се однесувам согласно Уставот и законите на државата, денес 600 илјади луѓе живеат со 150 денари на ден. И денес над 50 илјади се надвор од образовниот процес. Денес земјоделците имаат проблеми. Учениците завршија учебна година без учебници. Во здравството постои хаос, во болниците се умира чекајќи лекови. Ова се проблемите кои мора да ги решаваме и за кои вистински не гласаше народот.

Нема да подлегнуваме на темите кои не разединуваат и не оддалечуваат. И Македонците, и Албанците, и Турците, и Ромите, и Србите, Власите, Бошњаците и сите останати делат исти маки и проблеми. А јас ќе бидам еднаков за сите.

Ќе имаме набргу нова влада, нови позиции и нови функции. А јас за сите вас имам само една порака – засукајте ги ракавите не чека работа“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски.

Слични Објави