(Видео) Нешков: Проблемот за европската интеграција на РС Македонија не е идентитетот туку корупцијата
Познатиот бугарски новинар Љубчо Нешков, основач и сопственик на најголемата приватна информативна агенција во Бугарија БГНЕС во интервју за утринската програма на бугарската Нова телевизија даде критички осврт на политичката состојба во Република Северна Македонија.
„Целата драма околу предлог-извештајот во Европскиот парламент и прашањето за македонскиот идентитет е само димна завеса која треба да ги сокрие длабоките структурни проблеми,“ истакна Нешков.
Тој потсети дека во извештајот зборот корупција се споменува 15 пати и дека се говори за стратешка корупција, влијание на српскиот свет, кинески инвестиции и улогата на Унгарија. „Вистинскиот проблем не е идентитетот, туку отсуството на правна држава, слобода на медиумите и реформите што никако да се случат,“ додаде тој.
Нешков ја коментираше и улогата на Бугарија во односите меѓу двете држави:
„Бугарија носи вина околу 40% за состојбата. Но за да отидеш во Македонија, некој треба да те пушти. Ако како новинар сакаш да снимаш нешто, мора да бараш дозвола. Тоа не е демократија, туку режим.“
Според него, актуелната власт е под силно влијание на странски центри на моќ и „ја продолжува политиката на Груевски, само со други средства“. Тој предупреди дека бугарските инвестиции се оневозможени, а обидите за поддршка на слободното новинарство се дочекуваат со непријателство.
На прашањето дали македонските политичари навистина сакаат европска иднина, Нешков беше категоричен:
„Општеството ја сака, но политичарите не. Секој викенд во Кочани стотици луѓе молчешкум минуваат по улиците со фотографии од нивните деца загинати во трагедијата. Тоа е Маршот на ангелите. А режимот не се трогнува – ги брка луѓето кои сакаат нормалност.“
Во крајот на интервјуто, тој упати порака до Европската Унија:
„Дојде време јасно да се каже – не може луѓе кои работат за туѓи геополитички интереси да бидат двигатели на европската интеграција.“
