(Видео) Ноев: Нашето обвинителство одамна е должник на бугарското општество, поради тоа што не прави ништо во однос на прашањето за Русите
„Повеќе од 12 години се уништуваат физички докази и сведоштва, се манипулира со изјавите на сведоците. За ова го алармирав в.д. бугарскиот обвинител. Нашето обвинителство одамна е должник на бугарското општество, поради тоа што не прави ништо во однос на прашањето за Русите. Бугарските специјални служби одамна утврдија дека руски агенти креваат во воздух, прават обиди за атентати и секакви други саботажи врз бугарската одбранбена индустрија. Тоа е докажано. Обвинителството одамна покрена обвиненија. Лошото е тоа што начинот на покревање на обвиненијата за руските служби во Бугарија, се прави така за да не се случи ништо“. Ова за БНР го изјави Бојко Ноев, поранешен министер за одбрана и амбасадор на Бугарија во НАТО.
Ноев додаде дека една е задачата на бугарските разузнавачки служби, а друга е на пратениците – „да вршат контрола, а не да кукаат по медиумите и да зборуваат за хибридни напади“.
„Не сум слушнал некој пратеник да праша, зошто се одложуваат истрагите за руските специјални служби во Бугарија. Се зборува за ингеренциите на претседателот, за спојувањето на безбедносните служби, а тоа се прави со нерелевантни аргументи. Еден пратеник сака да ги спои двете разузнавачки агенции, и го дава примерот на Германија, која има една разузнавачка служба. Ако го погледнеме странскиот пример, САД имаат 13, некои европски земји имаат по неколку. Реформата во безбедносните служби не треба да тргнува со нивните шефови, како што се обидуваат да нѐ убедат“, вели Ноев.
Ноев во програмата „Недела 150“ посочи дека пратениците не дејствуваат во стерилна средина, а претседателот е врховен командант и тој има свои алатки да заземе став за овие прашања:
„Во моментов има неколку луѓе во медиумите, кои нѐ убедуваат во одредени аргументи кои се неодржливи. А каде е претседателот? Тој води полемичка политика, искажува позиции со јазик што не е својствен за претседател. Претседателот има алатка и тој мора да ја искористи и да ја преземе својата одговорност кога се разговара за овие прашања.Таа алатка е Консултативниот совет за национална безбедност“.
Целото интервју на Дијана Јанкулова со Бојко Ноев во програмата „Недела 150“ можете да го погледнете во видеото што следи:

