(Видео) Обвинителката до манијакот: Не е доволно да се извиниш, да покажуваш полов орган – не смееш, побарај стручна помош
Обвинителката Лидија Раичевиќ која го гонеше манијакот што се задоволуваше пред девојчиња пред влезови на згради и во автобуси, на рочиштето му се обрати директно на обвинетиот Сонер Арслан, но и до жртвите и до јавноста. Раичевиќ му порача на Арслан: „Најмногу ќе му се обратам на обвинетиот за да она што ќе го кажам го изнесе како тежина од оваа судница и го запамети за цел живот“.
„Сведочиме за измени во Кривичниот законик кои се радикални, кои што бараат од нас како носители на овие функции еден сосема поинаков пристап. Пристап кој што ќе ги натера луѓето да се однесуваат во склад со моралот и сфаќањата за половна слобода. Но јас ве прашувам како? Каде е изградена таа и дали она што Сонер денес го призна, вадењето на половиот орган на јавно место, и задоволување на половите страсти, спаѓа во групата на тешки полови повреди? Јас како обвинител сведочам секојдневно за полови дејствија врз деца, за телесни повреди при вршење на полови дејствија, за едно сурово и недолично однесување во таа сфера. И при постапувањето на овој предмет, се прашував која ми е задачата. А таа е следна: да им кажам на оштетените дека никој не смее пред нив да покажува полова манифестација и затоа се тука. Да им кажам дека ако очекувале дека ќе биде пружена заштита од страна на државата – ова е начинот на кој што го правиме за да ве заштитиме. Но не само вас. Туку преку процесот на ова судење да пуштиме порака дека секое вакво однесување ќе биде казнето“, порача Раичевиќ.
Обвинителката потоа додаде: „Но најмногу од се, во овој процес поради кој сме тука е важна личноста на Сонер“.
„Тој немаше прилика да се брани, таква е процедурата. Но јавниот обвинител го сослуша. Преку записникот, навлезе во неговата психолошка потреба да го прави тоа. Тој и пред обвинителот а гледам и пред судот се однесува во манир како со гласот, така со држење на телото и изговорените зборови дека се кае, дека е спремен некому да се извини. Ама тоа не е доволно. Сонер Арслан, на оваа територија и било каде, да покажуваш полов орган и на тој начин да задоволуваш сопствена сексуална желба не смее да се прави. И ако не ти е јасно зошто, тоа е затоа што немаш согласност од другата страна. Затоа што другиот не сака тоа да го гледа во тој момент. И ако постои дилема дали тоа е единствениот начин да се доживее сексуално задоволство, јас, одговорно тврдам дека треба да се побара стручна помош. Зошто? Зошто во ера кога зборуваме за полови слободи за било какво донесување велам дека треба да се бара помош? Нели се е доволно? Да, ама границата е во согласноста. И не толку поради етиката и моралот, бидејќи и јас не сум сигурна кој ја гради етиката и моралот во половиот свет, но знам дека од било какво полово дејствие, никој не смее да биде исплашен, згрозен, посрамен. Заради признанието не ги слушнавме оштетените како се чувствувале. Ама, мојот влог е барем една сфера од животот да остане и да се гради во нешто што е добро и што им одговара на луѓето, а не патологија поради која денес се судиме. Кривично-правната заштита ќе ја пружите вие преку одлуката за казна и тоа се надевам дека ќе се одлучите за казна која кога Сонер Арслан ќе ја чуе, ќе направи се што е можно да своето однесување од овој момент го промени, дека тоа ќе биде казна која оштетените ќе ја доживеат како праведна, а се разберат и сите оние надвор кои ќе чујат дека се судело за вакво кривично дело и дека за тоа се одговара, ќе се воздржат во иднина од правење на истите. Јас сум обвинител меѓутоа ја вршам својата функција како гарант човековите права“, посочи Раичевиќ во судницата.
Обвинетиот Сонер Арслан призна вина пред судот. Процесот го суди судијката Љубинка Башевска.