(Видео) Полицајци од Јамбол спасија мало дете кое висело од балкон на осми кат
Полицајци од бугарскиот град Јамбол спречиле тежок инцидент, во текот на вчерашниот ден, откако спасиле тригодишно дете кое висело од балкон на осмиот кат во станбена зграда во населбата „Златен рог“, соопштија од Обласната дирекција на МВР. По случајот веќе постапуваат и социјалните служби.
Сигналот бил пријавен околу 13:30 часот. Полицијата веднаш реагирала, ја скршила влезната врата на зградата, а потоа и вратата од станот, бидејќи никој не отворал. Внатре не биле пронајдени возрасни лица, туку само две мали деца.
Полицајците успеале да стигнат до балконот и да го извлечат момчето, кое висело од металниот парапет. Додека траела операцијата еден од полицајците му ветил на детето дека ќе му купи чоколадо, ако се држи здраво за парапетот.
Подоцна на местото пристигнале и службеници од Одделот за заштита на децата. Родителите се идентификувани и приведени. По инцидентот, двете деца се во добра здравствена состојба и се згрижени во згрижувачки семејства.

