(Видео) Рашковски зборуваше за придобивките од системот за сообраќајни прекршоци, но не и за начинот на набавка
Обвинетиот Драги Рашковски, кој се гони за нелегална набавка на софтверот за сообраќајни прекршоци, во изјавата за медиумите не кажа ниту збор за начинот на кој државата го купила од фирмата „Инвока груп“. Тој се осврна на обвинителката Ивана Трајчева и на тоа што таа не дошла денеска да го испрашува и зборуваше за придобивките од имплементација на софтверот.
„Бевте сведоци кои биле намерите, кои се придобивките од системот. И она што се очекуваше е убав проект на кој сите ќе му се радувавме. Синдромот на нинџа, вие да барате некој од обвинетите да признае нешто што не е за да ги заглавите другите – обвинителката се обиде да го направи. Секој ќе си го каже своето како бил третиран. Мојата поента е дека преку вас јавноста да се запознае кои се бенефитите од двата система што се набавени. Тоа не е некоја сума што државата ја оптоварила, тоа е надвор од 2-3 отсто што за таа намена се користат во светот“, рече Рашковски, па споредуваше колку Велика Британија потрошила за вакви системи.
Тој ги правдаше и другите осомничени во процесот.
„Да дозволеше Обвинителството целиот процес да го истераме и да не тераше ништо на сила, сè со цел да задоволи нечие его, до сега тој систем ќе беше во многу понапредна фаза на реализација“, рече Рашковски.
Во текот на судењата беа презентирани пораки разменувани помеѓу броевите на Рашковски и лица од фирмата „Инвока груп“. Во нив се зборуваше за реализација на тендерот. На едно од рочиштата вештак на Обвинителството сведочеше и дека софтверот воопшто не може да се вклучи ако се води според упатството.

